Ковачевски: Силно го осудуваме негирањето на Холокаустот, ќе предложиме вклучување и на Евреите во Уставот

Северна Македонија и Израел имаат блиски пријателски односи, базирани на меѓусебно разбирање и заедничка определба за натамошно унапредување на билатералната соработка во повеќе области, меѓу кои ИТ секторот, безбедноста, економијата, туризмот и земјоделството, беше оценето на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со делегација на израелскиот Кнесет, што престојува во посета на земјава.

Како што информира владината прес-служба, членовите на делегацијата Хамад Амар, претседател на Парламентарната групата за пријателство и соработка меѓу Израел и Северна Македонија, Цега Мелаку, член на Групата и Дор Каидар, координатор за меѓународна соработка на Кнесетот, беа придружувани на израелската амбасадорка во земјава Симона Франкел,

  • Претставниците на Кнесетот на Државата Израел ги поздравија политиките на дијалог и разбирање, преку коишто Република Северна Македонија гради едно општество за сите граѓани на домашен план и ги развива односите со соседите во регионот, што е во функција на одржувањето на мирот и стабилноста во Европа и светот, известуваат од Владата.

Ковачевски Кнесет

Премиерот Ковачевски нагласи дека земјава се развива како достоинствена членка на НАТО и држава којашто е насочена кон следниот исчекор во европските интеграции, како успешна функционална мултиетничка демократија, со отвореност за соработка и со сите пријателски држави.

  • Покрај стратешките приоритети на нашата надворешна политика, членството во НАТО и ЕУ, Владата има интерес за интензивирање и зајакнување на соработката земјите од Блискиот Исток во сите области од взаемна полза, рече премиерот Ковачевски.

На средбата е истакнато дека Северна Македонија, како земја членка на НАТО и активен учесник во меѓународната коалиција, којашто силно ја осудува руската воена агресија врз Украина, како и други земји од регионот и пошироко, е изложена на различни хибридни и кибер напади, што упатува на соработка и размена на експертиза со странските земји, вклучително и со Израел во областа на кибер безбедноста и отпорноста.

Ковачевски Кнесет

Во таа насока е оценето дека билатералниот договор меѓу владите на Северна Македонија и Израел за електронски комуникации и поштенски услуги, потпишан во февруари оваа година, обезбедува солидна, правна основа за натамошно проширување на односите во различни полиња од заеднички интерес.

На состанокот заеднички е изразена осуда на сите форми на тероризам, при што премиерот Ковачевски рече дека за сите безбедносни прашања во Европа, Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив, Северна Македонија е усогласена со позицијата на ЕУ и ги координира своите политики во рамките на Унијата и со партнерите во НАТО, особено со САД, како и дека во таа насока нашата држава поддржува трајно решение за Блискиот Исток што ќе обезбеди мир и трајна безбедност на Израел.

  • Силно ги осудуваме сите форми на антисемитизам, негирање на Холокаустот и поврзаните искривени толкувања, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски Кнесет

Тој додаде дека Владата посветува големо значење на еврејската заедница во нашата земја, која е многу почитувана, и во претстојниот период во контекст на предвидената дебата за уставните измени ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот на Република Северна Македонија, што се надева ќе биде широко прифатено од сите политички субјекти во земјата.

  • Претседателот на Владата соопшти дека оваа година, под покровителство на Владата, се одржуваат повеќе настани со коишто се одбележуваат 80 години од ужасните 11 и 12 март 1943 година, кога 7.144 Евреи од земјава биле депортирани во логорот на смртта во Треблинка, известуваат од Владата.

При тоа, заеднички е констатирано дека памтењето и учењето од минатото е важно за иднината на секоја земја и во таа насока има значење и во добрите односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Израел.