Кои се последиците од војната во Украина врз Западен Балкан

Ценовните шокови кај енергенсите и прехранбените производи се она што граѓаните на земјите од регионот, слично на глобалните трендови, најмногу го почувствуваа. Сепак проценките на ЕБОР се дека 2023 и 2024 година може да се очекува економски раст

Негативните ефекти од војната во Украина изминатава година имаа силно влијание и на Балканот, како на економски така и на политички план. Последиците, слично како и на глобално ниво се почувствуваа и во регионот.

Се гледаат претежно во повисоки цени на енергенсите и храната, инфлација која тешко се контролира, пад на инвестициите. Но и во она што е специфично за сите или некои земји од регионот односно позиционирање во однос на санкциите кон Русија и помошта за Украина, бегалските бранови предизвикани од руската мобилизација и дополнителните внатрешни поделби.


Во продолжение ТРТ Балкан ви презентира она што за една година во регионот на Западен Балкан го предизвика руската инвазија во Украина.

Енергенси и храна

Ценовна експлозија на енергенсите и храната во регионот се случи на неколку месеци по почетокот од војната. Ако цената на нафтата и нафтените деривати во земјите од регионот дури по една година почнува да се стабилизира со оглед на движењата на светските берзи, на гасот почна да опаѓа, тоа не може да се каже за цените на храната.

Порастот на цените најмногу се почувствува кај земјоделските производи. Граѓаните најмногу го почувствуваа поскапувањето на лебот, маслото, млечните производи …

Дел од државите во регионот се уште мака мачат со изнаоѓање соодветни решенија за справување со инфлацијата и ценовните шокови. Од субвенционирана струја за компаниите и домаќинствата преку замрзнати цени, до помош за загрозени категории граѓани.

Аналитичарот Аднан Хускиќ од Босна и Херцеговина во разговор за ТРТ Балкан се согласува дека инфлацијата и растот на цените имале најголеми негативни ефекти во регионот.

„Може да се забележи дека една година по почетокот на руската инвазија на Украина регионот доби поголемо внимание од страна на ЕУ и Западот и дека руското влијание на динамиката на случувањата на Западен Балкан е помало. Западот и ЕУ заклучија дека Западен Балкан е „мекиот стомак” и дека е неопходно врските со ЕУ императивите да бидат посилни. Истовремено не се случува реалокација на значајни ресурси на ЕУ и западните сили и со оглед на тоа нивниот засилен ангажман релативно лесно се изведе”, вели Хускиќ.

Економски раст и покрај кризата?

И покрај кризата во Украина и последиците кои ги трпат земјите во регионот Европската банка за обнова и развој прогнозира раст на економиите во најголем дел од државите од Западен Балкан за 2023 година. Целокупно прогнозите за раст се намалени за 0,8 отсто односно од првично проектираните 3 отсто сега изнесуваат 2,2 отсто.

Европската банка за обнова и развој за некои држави прогнозира пад на растот во 2023, но заздравување на економијата во 2024 година. Така за Северна Македонија прогнозите за 2022 година биле 2,5 отсто, за 2023 година 2 отсто, а за 2024 година 3 отсто.

За Србија проценките за годинава се 2 отсто раст, додека за 2024 година 3,5 отсто. Во БиХ економскиот раст од годинашните 2 отсто следната година ќе се зголеми на 3 отсто.

За Црна Гора прогнозите се 3 отсто за 2022 и 3,7 отсто за 2023 година. И во прогнозите за Албанија има зголемување од 0,8 отсто односно од 2,5 отсто на 3,3 отсто.

Сепак, ако се споредат бројките од пред почетокот на војната од ноември 2021 и по почетокот март 2022 евидентно е намалување во прогнозите на Европската банка за обнова и развој од 0,4 отсто во Албанија до 2 отсто во Црна Гора.

Санкции, бегалци, поделби

Србија и Босна и Херцеговина се единствените земји во регионот кои не се придружија на санкциите кон Русија. Ако за Србија клучни се традиционалните релации со Русија и специфичната политика кога се во прашање воените сојузи, тогаш во БиХ ситуацијата е деликатна на друг начин.

БиХ ги има усвоено санкциите кон Русија, но тие не се реализирани, главно поради противењето на босанските Срби. Имплементацијата засега е запрена од претставниците на ентитетот Република Српска. Неодамна Европската унија ја повика Босна и Херцеговина да ги имплементира санкциите кон Русија.

Меѓународната заедница очекува и Белград да ја усогласи меѓународната политика со онаа на ЕУ и да се придружи на санкциите кон Москва.

Аналитичарот Хускиќ смета дека во Европа се уште не созреало сфаќањето дека барем во скоро време не може да има нормализирање на односите со Русија.

„Со самото тоа притисокот на државите од регионот својата политика да ја усогласат со онаа на ЕУ се уште е слаб. Клучна причина за тоа е непостоењето на консолидирана ЕУ политика кон регионот. А за тоа да се случи треба да заврши и дебатата во рамки на самата Унија околу тоа што е ЕУ, до каде се протега, каде ќе се движиво мултиполарниот свет. Без одговор на овие прашања, тешко може да се има појасна политика кон регионот”, вели Хускиќ.

Што се однесува до бегалските бранови, Западен Балкан не се соочи со огромен број бегалци како соседните земји на Украина. Во Србија според украинскиот амбасадор во оваа земја се регистрирани 7.000, во БиХ, според УНХЦР, има 153, во Северна Македонија до пред неколку дена 400 Украинци побарале сместување од хуманитарни причини.

Но евидентно беше зголемувањето на бегалци од Русија претежно во Србија по објавата на рускиот претседател Владимир Путин за мобилизација. Руските бегалци во голем број ја искористија шансата да допатуваат претежно во Белград и на тој начин да ја избегнат мобилизацијата.

TRT Balkan