КОНЕЧНО ПОПУШТИ- Ердоган и даде зелено светло на Финска: Ќе ве пуштиме во НАТО а за Шведска ќе видиме

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека турскиот Парламент ќе го започне процесот на ратификација на кандидатурата на Финска за членство во НАТО, бидејќи скандинавската земја презеде конкретни чекори за исполнување на своите ветувања.

На прес-конференцијата со својот фински колега, Ердоган рече дека Турција ќе ги продолжи разговорите со Шведска за прашања поврзани со тероризмот и дека кандидатурата на Шведска за членство во НАТО директно ќе зависи од преземените мерки.

Финскиот претседател Саули Ниинисто денеска го поздрави планот на Турција за започнување на процесот за ратификација на членството на Финска во НАТО.

„Претходно разбравме дека ја донесовте вашата одлука и денешното потпишување потврдува дека турскиот Парламент почнува да работи на ратификација на членството на Финска. Тоа секако е многу важно за цела Финска“, рече Ниинисто на заедничката прес-конференција со претседателот Ердоган.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО во мај минатата година, напуштајќи ја децениската воена неутралност, по рускиот напад врз Украина.

Сепак, Турција изнесе приговори, обвинувајќи ги двете држави дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации, вклучително и курдската ПКК и ФЕТО, групата за која Анадолија вели дека стои зад обидот за пуч во јули 2016 година во Турција.