Коциќ: ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе пред граѓаните и да каже дека не е за ЕУ

ВМРО-ДПМЕ треба да излезе пред своите гласачи и да каже дека не е за ЕУ, рече пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ вечерва на Топ Тема.

– Со одговорот на ВМРО-ДПМНЕ на повикот на претседателот Димитар Ковачевски се гледа кој е за заедничка работа во интерес на државата, а кој мисли само како да дојде до избори и не работи во интерес на државата. Владата предводена од Ковачевски е отворена за разговори како оваа државата ќе се движи напред. Дали заедничка идеологија е да одиме во ЕУ или ВМРО-ДПМЕ треба да излезе пред своите гласачи и да каже дека не е за ЕУ, нагласи Коциќ.

Коциќ рече дека СДСМ има конзистентен став дека треба да се направи се и тоа и беше изгласано на 14 јули со прифаќање на францускиот предлог и со задолжување на оваа и секоја влада да не смее да преговара за македонски јазик, идентитет, историја и култура.

– Во Европската унија ќе влеземе само како Македонци, горди на својата историја, коишто говорат македонски јазик и со својот македонски идентитет. Ние го живееме тоа што гемиџиите го сонуваа, кои го кренаа во воздух бродот во Солун за Европа да слушне за Македонија и Македонците, а сега ние седнуваме на маса со таа иста Европа, порача Коциќ.

Коциќ нагласи дека првиот проблем е дека за прв пат Македонија има македонско вето, домашно вето наметнато од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

– Искрено верувам дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одважат да го поддржат продолжувањето на преговорите, кај нас главниот проблем треба да биде како да ги решиме проблемите. Не може цело време да си ги вадиме очите и да измислуваме трети причини меѓу себе да се блокираме. Така не може да одиме напред, тоа е невозможна мисија.  Со измислување приказни и ширење параноја не се носи државата напред. Државата се носи напред од професионалци, кои си ја знаат работата, ќе седнат и ќе ги решаваат проблемите, за да одиме во ЕУ сите заедно. Одговараме за 1,8 – 2 милиони жители, ова што треба да го постигнеме, треба да го постигнеме заедно, не смееме да ставаме рампа на секоја станица, порача пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ, во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

Пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма истакна дека со уставните измени ќе направиме јасна дистинкција дека постојат два различни народи, македонски и бугарски, признаени во нашиот Устав и дека паѓаат во вода нивните тврдења дека се работи за два исти народи.