Красниќи: Косово е подготвено да формира национален совет за српската заедница

Министерот за администрација и локална самоуправа тврди дека Уставот на Косово, како и практиката, покажуваат дека Приштина нуди „најнапредни права за националните малцинства“.

Министерот за администрација и локална самоуправа на Косово, Елберт Красниќи, изјави дека Приштина е подготвена да формира совет на национално малцинство за српската заедница.

Тој ова го изјави коментирајќи ја изјавата на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, дека Советот на Европа во Стразбур зборувал за Србија како земја со најголеми права за националните малцинства, дека националните малцинства се почитуваат во Србија, дека имаат националните совети и дека учествуваат во политичкиот, социјалниот и економскиот живот, пренесува Телеграфи.

Красниќи тврди дека Уставот на Косово, како и практиката, покажуваат дека Приштина нуди „најнапредни права за националните малцинства“.

„Србите ги имаат сите права на Косово“

Тој рече и дека „доколку Србија смета дека институциите на националните совети се најдобар пример и модел за заштита на правата на малцинствата“, тогаш Косово е подготвено да примени таков механизам за српската заедница на Косово.

Красниќи тврди дека на работните места во државните институции во општините на југот на централна Србија, каде што живее албанското национално малцинство, Србите се позастапени од Албанците и Ромите.

Според него, српската заедница на локално ниво на територијата на Косово, освен права, има и моќни овластувања, речиси исто колку и централната власт.