Кристерсон ја поздрави најавата за скоро продолжување на преговорите меѓу Турција, Шведска и Финска за прием во НАТО

Шведскиот премиер Улф Кристерсон ја поздрави изјавата на турскиот министер за надворешни работи Мевлуд Чавушоглу за „скоро продолжување на преговорите“ меѓу Турција, Шведска и Финска за прием во НАТО.

„Се разбира, ја поздравувам најавата на Турција дека сака продолжување на разговорите во врска со трилатералните договори што Шведска ги има со Турција и Финска“, рече шведскиот премиер на прес-конференција.

Турскиот министер претходно денеска на средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека е потребно Шведска и Финска да преземат поконкретни потези за Турција да го одобри нивното барање за влез во НАТО. Тој изјави дека сите членки на Алијансата мора да бидат убедени, особено Шведска, да преземат повеќе акции и да одговорат на барањата на Анкара.

Шведска и Финска поднеле барање за членство во НАТО во мај минатата година, а досега нивните барања се ратификувани од парламентите на 28 членки на Алијансата, а тоа уште треба да го направат Турција и Унгарија.

Турција го условува своето одобрување со екстрадиција на терористите во Анкара, а соопшти дека е можно да го одобри барањето на Финска, но засега не и на Шведска, бидејќи односите меѓу Анкара и Стокхолм се влошија по протестите во Шведска во јануари, на кои беше запалена светата книга на исламот, Куранот.