Кристијан Ацу по 12 дена пронајден мртов под урнатините во Турција

Сепак, Кристијан Ацу не го преживеа страшниот земјотрес што ја погоди Турција.

Во низата трагични вести од Турција, пристигна уште една. Во неделата рано наутро беше потврдена веста за откривањето на безживотното тело на фудбалерот од Гана Кристијан Ацу.

Поранешниот фудбалер на Челзи се наоѓал на деветтиот кат од зградата која се урна во страшниот земјотрес, но не успеал да преживее. Оваа вест ја потврди и неговиот менаџер Мурат Узунмехмет.

Потрагата по него траеше со денови, а дури пред неколку дена се појави лажна вест дека е пронајден жив, која ја пренесе и угледниот Би-Би-Си, но за жал се беше демантирано.

Крилниот напаѓач на репрезентацијата на Гана и турскиот прволигаш Хатајспор ден пред земјотресот постигна гол во седмата минута од судиското надополнување за да му донесе победа на својот тим во натпреварот против Касимпаша.

Ацу беше купен од Челзи од португалски Рио Аве во 2013 година, но поголемиот дел од времето го помина на позајмица во Њукасл Јунајтед и Евертон. Играше и за Борнмаут и Малага, а од септември минатата година беше во Турција.

За репрезентацијата на Гана забележа 65 настапи и постигна девет гола. Последниот настап за националниот тим го имаше пред три години.