КРУЦИЈАЛЕН АВГУСТ- „Никогаш не сме биле поблиску до апсење на Владимир Путин!?‘‘

Или Путин ќе присуствува на самитот на БРИКС, ризикувајќи да биде уапсен, или ќе покаже дека се плаши од апсење со тоа што нема да присуствува.

Новата масовна кампања со која се повикува рускиот претседател Владимир Путин да биде суден за воени злосторства претставува ескалација на барањата за правда за народот на Украина. Веќе 2 милиони потпишаа петиција со која бараат покренување обвинение против Путин.

Во пресрет на самитот на БРИКС (името за група земји составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, кои од 2006 година се стремат да развијат економска и политичка соработка и заеднички да дејствуваат на светскиот пазар преку создавање финансиски и други институции) во август, што ќе се одржи во Јоханесбург, повеќе од половина милион луѓе веќе ги повикаа јужноафриканските власти да го стават Путин во затвор доколку слета во таа земја.

Овој јавен притисок доаѓа во време кога европските лидери на состанокот во Рејкјавик го интензивираа својот повик за координирана меѓувладина акција за да се најде начин да се казни Путин за неговите злосторства, пишува поранешниот британски премиер Гордон Браун, во неговата анализа за Гардијан .

Неодамнешното издавање налог за апсење на рускиот лидер од страна на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за неговата улога во надгледувањето на киднапирањето и депортацијата на украинските деца во Русија е причината зошто Путин сега може да биде уапсен на почвата на која било земја што го потпишала договорот статутот на судот.

Удар од ЈАР

Русија, потсетува авторот, возврати со издавање налог за апсење на британскиот обвинител на МКС, Карим Кан, во атмосфера на растечка конфронтација меѓу Русија и западните сојузници на Украина. Русија останува непоколеблива во својата одлука Путин да учествува на самитот на БРИКС, но специјалната комисија на јужноафриканската влада, формирана од јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, заклучи дека неговото присуство ќе го прекрши не само меѓународното право, туку и законите на Јужна Африка, а се советува Путин да не присуствува на состанокот на лидерите на 5-те земји.

Јужноафриканската акција е важна затоа што во април највисокото тело за одлучување на владејачката социјалдемократска партија, Африканскиот национален конгрес (АНЦ), се пожали на „нееднаква“ и „често селективна примена на меѓународното право“. Рамафоса претходно објави дека АНЦ одлучила да ја повлече Јужна Африка од судот, но тоа подоцна беше демантирано како „грешка во коментарот“ и потврди дека Јужна Африка ќе продолжи да ги почитува своите обврски.

Кампањата за апсење на Путин се совпаѓа со значаен момент од војната, во која украинската војска, според Гордон Браун, се подготвува за очекувана контраофанзива, дизајнирана да го натера Киев да ја врати контролата врз рутите кон Крим. Кампањата за апсење на Путин, заедно со очекуваниот воен контра-пуч, врши дополнителен притисок врз рускиот лидер и неговите клики, кои сега знаат дека се ‘persone non grata‘  на повеќето континенти и можат да бидат уапсени ако патуваат надвор од Русија.

Прашањето на трибуналот

Како што тврдеше украинската добитничка на Нобеловата награда за мир, Олександра Матвијчук, ова би можело да ги натера генералите на Путин двапати да размислат за извршување на идните наредби за извршување воени злосторства.

Претходно оваа година, истражителите на МКС го претставија својот прв сет на докази кои ги оправдуваат апсењата, потврдувајќи дека Русија киднапирала илјадници украински деца. Но, според Браун, ова е само почеток, а допрва треба да следат дополнителни обвинувања. Актите на силување, тортура, осакатување и неселективно бомбардирање на невини цивили се меѓу воените злосторства и злосторствата против човештвото што сега се истражуваат.

Меѓутоа, прашањето е кое од обвиненијата најверојатно ќе успее да резултира со осуда. Имено, доказите за воените злосторства мора да се собираат на начин што директно го поврзува Путин со акти на бруталност, а тоа вклучува детална истрага која би можела да потрае со години.

Сепак, обвинението за агресија може да се докаже со повикување на јасни докази за одлуки за окупација на украинска територија. Иако МКС нема овластување да го обвини Путин за ова основно злосторство, специјален суд по моделот на оној формиран за судење на нацистичките воени злосторници во Нирнберг може да го стори тоа.

Или соочување со можно апсење или покажување страв

Минатата недела, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го искористи состанокот на Советот на Европа за да го интензивира својот повик за специјален суд за судење на руското кривично дело агресија, наведувајќи две можности за негово формирање – суд заснован на мултилатерален договор за кој група земји како Советот на Европа се согласуваат да дејствуваат поединечно, или специјален хибриден суд заснован и на кривичното дело агресија во Украина и на меѓународното право.

Таков суд, на чие формирање Русија ќе стави вето во Советот за безбедност на Обединетите нации, може да биде назначен со мнозинство гласови од 193-те членки на Генералното собрание на ОН, кои би можеле да го обвинат Путин дека почнал да ја планира инвазијата на Украина како уште во 2014. кога неговите воени сили слетаа на Крим.

Што и да се случи, август ќе претставува раздвојување на патот – или Путин ќе присуствува на самитот на БРИКС, ризикувајќи да биде уапсен, или ќе покаже дека се плаши од апсење со тоа што нема да присуствува. Без разлика на исходот, линијата ќе се премине.

Следната фаза од кампањата за ставање на Путин зад решетки потоа ќе бара американско учество. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека го поддржува апсењето на Путин, но Вашингтон сè уште избегнува да формира специјален суд. САД треба да се потсетат, заклучува Браун во својата анализа, дека не е доволно да се сака да се постигнат цели – мора да се сака да се најдат средства за нивно постигнување.