Крушево со интензивна изградба на туристичка инфраструктура

 Со технички прием на новиот паркинг како придружна содржина на туристичката инфраструктура и дел од проектот за прекугранична соработка за развојот на туризмот со Елбасан од Албанија, во Крушево се интензивира изградбата на туристичката инфраструктура. Воедно, ќе се обновува патот до споменичниот комплекс Мечкин Камен во пресрет на јубилејниот Илинден.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, се прави една комплетна целина на Мечкин Камен како споменичен и спортски, туристички комплекс.

-Паркингот ќе им биде од голема корист на параглајдеристите и при светскиот куп за змејарство и до големо значене е за сите учесници од светот кои го користат полетувалиштето на Мечкин Камен, како една од трите светски дестинации за овој вид авантуристички спортови. Почнуваме со комплетна реконструкција на локалниот пат до Мечкин Камен, до споменичната целина. Правиме функционална целина: одржливост на дестинацијата за авантуристички туризам, од една страна, подготовки за наредното светско првенство за параглајдерство кое, се надевам, ќе се случува во 2025 година. Во претходниот период изградивме контролна кула на Мечкин Камен, го уредивме полетувалиштето, воведовме урбана опрема и уште еден паркинг-простор наспроти контролната кула од 1 600 метри квадратни. Значи, имаме една комплетна целина – спортски и споменички комплекс Мечкин камен, објаснува Христоски.

Проектот за прекугранична соработка со Елбасан е тригодишен, до 2025 година, и е во вредност од преку 700 000 евра.

Градот се подготвува за годинашново светско првенство во змејарство, а ќе има уште седум други меѓународни државни првенства, меѓу кои се англиското, чешкото, словачкото, словенечкото, германското, белгиското, нордијското првенство во параглајдерство. Ова ја потврдува констатацијата дека во Крушево авантуристичкиот туризам зема голем замав. Во текот на годинашнава сезона се очекуваат над 2 500 спортисти од цел свет или вкупно преку 15 000 гости и туристи.

-Се очекуваат околу 2 500 спортисти од светот, параглајдеристи и во змејарство. Оваа година воведуваме и нова содржина, тоа се „даунхил“ патеките за велосипедизмот, тука е „Крушево низ корија“, повеќе спортски, музички настани, па манифестацијата „10 дена Крушевска Република“. Што значи, оваа година Крушево ќе биде центар на внимание. Со сите овие содржини се очекуваат околу 15 000 туристи.Во Крушево ќе биде најголемиот извиднички камп со 2 500 извидници, ќе имаме „оф роуд“ тури со мотори и со џипови, тука е меморијалниот турнир „Тоше Проески“ кој од Скопје го донесовме во Крушево. Ќе имаме голем број посетители и гости од земјава и од странство, вели Христоски.

Иако со помалку снег, за празниците Крушево имаше за 20 насто повеќе гости од лани, а во наредниот период очекува и за 30 насто зголемен број посетители.