Курти: Косово очекува поддршка од Албанија на меѓународните форуми

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека на средбата со раководителите на институциите во Албанија добил поддршка оти Охридскиот договор е де факто признавање на Косово од Србија.

По средбата со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателката на Собранието Линдита Никола и премиерот Еди Рама, Курти за медиумите изјави дека ги информирал за елементите од договорот постигнат меѓу Косово и Србија, во Охрид на 18 март. .

„Сакав одблиску и детално да ги информирам за процесот на дијалог и елементите на договорот што сега мора да се спроведе… Претседателот Бегај, Никола и премиерот Рама ме поддржаа во процесот на дијалог и во договорот што го постигнав . Албанија е секогаш блиску до Косово и тоа го докажува на меѓународната сцена, но и нашите билатерални односи. Со премиерот Рама се договоривме следната средба на двете влади да биде во јуни, но разговаравме и за досегашната имплементација на потпишаните договори и какви нови договори можеме да направиме“, рече тој.

Курти додаде дека албанските лидери го поддржале неговиот став дека Охридскиот договор е де факто признавање на Косово од Србија.

„Тие го поддржаа мојот став дека овој договор е де факто признавање на Република Косово од Србија, тоа е де факто меѓусебно признавање и исто така им објаснив дека членот 7, кој зборува за самоуправувањето на српската заедница и споменува Советот на Европа, всушност, одговара на рамковниот договор за заштита на националните малцинства. Во меѓувреме, точката 10 се однесува на сите досегашни договори кои нашата влада ги наследи од процесот на дијалог во Брисел, а кои се 39 и за кои договоривме да се спроведат, се разбира, оние кои се валидни и задолжителни што е наведено во член 10. од договорот“, рече Курти.

Курти кажа и што очекува Косово од Албанија. „Бараме од Република Албанија поддршка на меѓународните форуми за Косово, секогаш кога ќе се разговара за прашањето за Косово. Субјективноста, суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Косово мора да бидат заштитени, а Албанија исто така треба да ни помогне во членството во меѓународните организации“, рече тој.