Ларсон Џаин на седница на Влада: “Северна Македонија ја има поддршката во натамошниoт процес на евроинтеграции“

Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Северна Македонија ја има поддршката во натамошниoт процес на евроинтеграции, порача Ами Ларсон Џејн амбасадорка на Шведска, која е актуелечн претседавач со ЕУ,  во обраќањето на денешната владина седница, на која присуствуваше на поканета од премиерот Димитар Ковачевски. 

Таа  во својот осврт на приоритетите и актуелностите на шведското претседателство со Советот на Европската Унија, потенцираше дека шведското претседателство е сериозно посветено на процесот на евроинтеграциите, за којшто, како што рече „геополитичката ситуација донесе нова итност“.

-Северна Македонија се покажа како добро подготвена и мошне професионална во скрининг процесот, оцени амбасадорката Ларсон Џаин и пренесе поддршка за натамошниот процес на европските интеграции на нашата држава.

Амбасадорката Ларсон Џаин нагласи дека високо се цени усогласеноста на надворешната и безбедносна политика на Република Северна Македонија со политиките на ЕУ, во актуелниот геополитички контекст.

Во обраќањето, амбасадорката Ларсон Џаин говореше и за приоритетите на шведското претседателство – безбедноста, конкурентноста, зелената енергија и енергетската транзиција, како и зачувување на демократските вредности и справување со криминалот и корупцијата.

Премиерот Ковачевски изрази благодарност за тоа што шведското претседателство го внесе и го подржува поттикнувањето на евроинтеграцискиот процес со земјите од Западен Балкан во својата програма и посочи дека приоритетите на шведското претседателство, мирот и безбедноста, консолидацијата на демократските вредности и владеењето на правото се темелни определби и на Република Северна Македонија.

-Имаме освежен состав на Владата со мноштво обврски поврзани со европскиот реформски процес. Новото мнозинство во Собранието како и новиот состав на Владата се формирани токму со таа цел, обид да се забрза исполнувањето на евроинтеграциските задачи и да придонесе кон успешно завршување на скрининг процесот и после години чекање, преминување во следната квалитативна фаза –  отворање на првиот кластер посветен на Темелните вредности, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека новата, геополитичка ситуација, уште повеќе го изрази фактот, дека земјите од Западен Балкан се неотуѓив дел од континентот и од фундаментална важност за зачувување на европскиот мир, безбедност и просперитет.

-Затоа, се надевам дека шведското, заедно со наредното шпанско претседателство со ЕУ во 2023 година, ќе постават јасна патека за следните проширувања на Унијата, откако ќе бидат исполнети условите, посочи премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, го поздрави фокусот и постигнатото единство во Европската Унија, без преседан, во поглед на реакцијата кон руската воена агресија врз Украина.

-Северна Македонија, во рамки на своите можности, веќе активно го поддржува фокусот на шведското претседателство кон поголема поддршка за Украина, како и во унапредување на нивниот евроинтеграциски пат, по добивањето на кандидатскиот статус, соопшти премиерот Ковачевски.

На седницата се обратија и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Вицепремиерот Маричиќ ја нагласи важноста од одржувањето на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

-Наш приоритет е да го задржиме континуитетот по европскиот пат за време на шведското претседателство и сметаме дека е време ова придвижување да земе поголем замав, рече Маричиќ кој посочи дека Шведска е голем пријател на Северна Македонија, што се покажува и преку поддршката со ЕУ и во билатералните односи.

Министерот Османи изрази благодарност што шведското претседателство со ЕУ, во фокусот на програмата ја има и интеграција на земјите од Западен Балкан, потврдувајќи дека иднината на државите е во ЕУ, што е особено важно во постојниот, геополитички момент, стои во соопштението од 134. владина седница.