Литванскиот Парламент бара забрана за руски и белоруски спортисти

Парламентот на Литванија денеска го повика Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и другите спортски тела да им забранат на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат додека не заврши војната во Украина, додека не се процесираат воените злосторници и не се исплатат оштети.

Во својот предлог, парламентот посочи дека сите победи на руски или белоруски спортисти на Олимписките игри и други натпревари ќе бидат искористени за пропагандни цели од владите во Москва и Минск.

Литванскиот Парламент, кој едногласно го усвои предлогот, е првиот национален законодавен дом кој повика на забрана.

Украина се закани дека ќе ги бојкотира Олимписките игри доколку на нив се натпреваруваат руски и белоруски спортисти.

Досега, повеќе од 30 земји, вклучувајќи ги САД, Германија и Австралија, побараа забрана за учество на руски и белоруски спортисти на Олимпијадата во Париз во 2024 година.

Сепак, минатата недела Асоцијацијата на националните олимписки комитети на Африка (ANOCA) донесе резолуција со која го поддржува учеството на руските и белоруските спортисти на Летните олимписки игри 2024 во Париз како неутрални.