Македонија со мал напредок според перцепцијата на корупција на новиот Индекс на Транпаренси

Македонија се најде на 85 место од 180 светски држави според Индексот за перцепција на корупцијата, кој секоја година го објавува Транспаренси Итернешнел.

Со 40 поени, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава изминатава година напредувала само две места во споредба со минатогодишното рангирање. Во споредба со лани Индексот е зголемен за еден поен.

И покрај малиот напредок Македонија и понатаму останува една од најлошите држави во регионот според перцепцијата на корупција. Пред Македонија на листата се наоѓаат Словенија (41 место), Грција (51), Хрватска (57), Црна Гора (65) и Бугарија (72) и Косово (84). Полош скор имаат само Србија и Албанија (101) и Босна и Херцеговина која е најлошо пласирана во окружувањето (110 место).

Последнава деценија Македонија најдобро стоеше во 2014 година кога беше на 64 место во светот со 45 индексни поени, додека најлошиот резултат го имаше на Индексот за 2020 година, кога се најде на 111 место во светот со 35 поени.

Во светски рамки годинава Данска, Финска и Нов Зеланд повторно се најдоа на врвот како најмалку корумпирани држави. Данска е прва со 90 поени од можни 100, додека Финска и Нов Зеланд го делат второто место со 87 поени. Во првите 10 најмалку корумпирани држави се уште и Норвешка, Сингапур, Шведска, Швајцарија, Холандија, Германија, Ирска и Луксембург. Како најкорумпирани земји во светот според Транспаренси Интернешнел се сметаат Сомалија, Сирија и Јужен Судан, кои се на последните три позиции.

Во последните пет години најголеми позитивни поместувања биле регистрирани кај Ангола (+14 индексни поени), Малдиви (+11) и Виетнам (+9), додека најголеми назадувања се забележуваат кај Велика Британија и Канада (-7 индексни поени), Пакистан и Малезија (-6).

Овогодишниот Индекс открива дека мнозинството земји во светот не успеваат да ја сопрат корупцијата. Повеќе од две третини од државите имаат Индекс помал од 50 поени, додека дури 26 држави минатата година стигнале до нивниот најлош резултат според перцепцијата на корупцијата досега. Во споредба со 2012 година дури 155 држави немале никаков значаен напредок во справувањето со корупцијата или пак назадувале.

„Корупцијата го направи нашиот свет поопасно место. Додека владите колективно не успеваат да направат напредок против оваа појава, тие го подгоруваат моменталниот раст на насилство и конфликт и ги загрозуваат луѓето низ целиот свет. Единствен начин да се излезе од оваа состојба е државите да ја направат тешката работа за искоренување на корупцијата на сите можни нивоа и да обезбедат владите да работат за граѓаните, не само за малите елити“, изјави Делиа Фереира Рубио, дел од извршниот одбор на Транспаренси Интернешнел.

„Лидерите можат да се борат против корупцијата и да промовираат мир истовремено. Владите мора да го отворат просторот и да ја вклучат јавноста во носењето одлуки – од активистите и бизнисмените, до маргинализираните заедници и младите. Во демократските општества, луѓето можат да го подигнат нивниот глас за да помогнат во искоренувањето на корупцијата и во барањата за посигурен свет за сите нас“, посочува директорот на Транспаренси Интернешнел, Даниел Ериксон.

Ова е 28-ма година како се објавува Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнел. Тој прикажува колку е корумпирана земјата според перцепциите на експерти и бизнисмени преку 13 извори на податоци, од 12 различни независни институции.