Макрон: Грузија е подложена на многу силен притисок, се надевам ќе може да продолжи мирно по европскиот пат

– Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Грузија е под притисок по алармантните случувања неделава – нешто што, според него, Европската унија не може да го игнорира.

„Грузија е подложена на многу силен притисок, се надевам дека ќе може да продолжи мирно по својот европски пат“, рече Макрон на заедничката прес-конференција во Париз со британскиот премиер Риши Сунак.

Грузискиот Парламент претходно денеска се откажа од усвојувањето на законот за „странски агенти“, што предизвика политичка криза и ја загрози европската перспектива на Грузија.

„Поранешните грузиски политички лидери, кои се приведени и се во тешка здравствена состојба, треба да бидат ослободени и да им се обезбеди пристап до медицински прегледи“, рече Макрон.

Поддржувачите на поранешниот претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, кој е во затвор, бараат тој да биде пуштен на слобода, за да може да се лекува.