Макрон денеска организира работна вечера со Орбан пред состанокот на Европскиот совет

 Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе го прими унгарскиот премиер Виктор Орбан на работна вечера, пред состанокот на Европскиот совет закажан за 23 и 24 март, соопшти Елисејската палата.

„Макрон и Орбан ќе разговараат за поддршката за Украина, зајакнувањето на европската конкурентност, енергетските прашања и поддршката за европската одбранбена индустрија“, се вели во соопштението.

Орбан, кој ја критикува „индиректната војна“ што, според него, Европа ја води против Русија, повика на прекин на огнот во Украина на крајот на февруари.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, унгарската влада се воздржува од критики на рускиот претседател Владимир Путин. Орбан, кој разви блиски врски со Путин пред војната во Украина, одбива да испрати оружје во Киев и ги осудува европските санкции против Русија иако гласаше за нив.