Макрон, Зеленски, Путин, Вучиќ и Додик му ја честитаа победата на Ердоган

 Неколку странски функционери синоќа на Реџеп Таип Ердоган му ја честитаа победата во вториот круг од претседателските избори во Турција.

Францускиот претседател Емануел Макрон, освен што му честиташе на Ердоган, рече дека Франција и Турција имаат огромни предизвици кои треба заедно да ги надминат, меѓу кои и враќањето на мирот во Европа и иднината на евроатлантската алијанса.

– Му честитам на претседателот Ердоган и продолжуваме да одиме напред, рече Макрон.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заложи за зајакнување на билатералните врски и соработката за безбедност и стабилност во Европа.

Честитка упати и претседателот на Русија, Владимир Путин, кој оцени дека изборниот резултат е „логичен и очигледен доказ“ за поддршката на народот за политиката на Ердоган.

Победата на Ердоган му ја честитаа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.