Мали семејни винарии учествуваа на Slow Wine Fair 2023 во Болоња

Со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, 12 мали семејни винарии учествуваа на Саемот Slow Wine Fair 2023 што се одржа во Болоња.

-Нашите винарии во Болоња ги промовираат автохтоните сорти грозје, традиционалните и одржливи техники на производство, како и нашето традиционално гостопримство преку развој на винскиот туризам. Малите семејни винарии се наша успешна приказна. Ја продолжуваме поддршката за нив со грантови до 10 000 евра, а новитет е и финансиската поддршка од 5.000 евра грант за дестилериите, напиша министерот за земјоделство Љупчо Николовски на својот официјален фејсбук профил. 

Домашните винари кои учествуваа на Саемот се едногласни во оценката дека овој настан им помогнал да се споредат со другите и да ги одмерат „силите“. Саемот во Болоња, велат, беше првиот сериозен чекор кон винскиот туризам, кон промовирање на автохтоните сорти грозје и традиционалните и одржливите техники на производство.

Поддршка на претставувањето на македонските винарии во Болоња дадоа и Слоу Фуд Интернационал, Болоња Фиере и Амбасадата на земјава во Рим, додека логистичка поддршка обезбеди и македонската заедница во регионот Емилија-Ромања.

На Slow Wine Fair 2023 учествуваа 791 винарија од 21 земја.