Маричиќ: Енергетиката ќе биде поддржана со ИПА средствата и во рамки на новото програмирање за 2024 година

– Секторот енергетика ќе биде поддржан со ИПА средствата и во рамки на новото програмирање за 2024 година, рече денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. 

На настанот во Владата по повод ЕУ-поддршката за земјава вредна 80 милиони евра, Маричиќ информира дека на последниот повик од Инвестициската рамка за Западен Балкан Северна Македонија поднела апликација за зголемување на енергетската ефикасност на јавните згради (здравствени објекти во повеќето градови низ државата), како и апликација за зајакнување на мрежата за дистрибуција на струја во југоисточниот дел од државата. 

– Во време на предизвици, ЕУ не ги заборави македонските граѓани и повторно е со нас во криза. Уште еднаш докажа дека е многу повеќе од финансиска поддршка за забрзување на општествената трансформација и за подготовка на нашето членство во европското семејство. ЕУ е и наш најголем партнер кој прв застана со нас во тешки времиња, потенцира вицепремиерот.

Според него, рекордната европска помош што ја добиваме е инвестиција не само во иднината на нашата земја, туку и во иднината на ЕУ.

– Ја имаме целосната поддршка од ЕУ, но и ЕУ ја има Северна Македонија како кредибилен партнер и сојузник. Во исчекување на новата макрофинансиска помош за Северна Македонија од 100 милиони евра, остануваме заедно, партнерски, со здружени сили да одговориме на притисокот што го наметна руската агресија врз Украина, да ги заштитиме интересот и стабилноста на нашата држава и мирот на нашите граѓани, напомена Маричиќ.

Во врска со 80-те милиони евра неповратни средства за кои детално зборуваа премиерот Димитар Ковачевски и евроамбасадорот Дејвид Гир, маричќиќ рече дека се очекува многу скоро, во наредните денови, да бидат на буџетската сметка.

-Целта е конкретна – да се помогне на Владата за намалување на последиците од кризата, подвлече Маричиќ.