Маричиќ на состанок со министрите за ЕУ на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ денеска во Бечиќи, Црна Гора, ќе се обрати на состанокот на министрите за ЕУ на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој е дел од настаните на високо ниво по повод завршувањето на црногорското претседавање со иницијативата.

Тема на состанокот, како што соопштија од СЕП, ќе биде „Европскиот процес на интеграција- перспективата на проширување на Европската Унија”, како заедничка појдовна точка за сите приоритети на претседавањето на Црна Гора со ПСЈИЕ, на која осврт и свои видувања ќе дадат шефовите на делегациите на земјите членки на иницијативата, генералната секретарка на Советот за регионална соработка и претставници на Европската комисија.

На маргините на министерскиот состанок вицепремиерот Маричиќ ќе оствари билатерална средба со неговата колешка од Албанија, Олта Џачка и со генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.

Црногорското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа завршува за неполн месец, а од 1 јули претседавањето го презема Северна Македонија, што ќе биде трето претседавање досега како земја која е вклучена во оваа иницијатива од нејзиното формирање, во јуни 1996 година.

На состанокот на министри на ЕУ ќе му претходи состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој ќе учествува и шефот на дипломатијата Бујар Османи.