Маричиќ: “Разгледуваме три модели за вклучување на граѓанските организации во преговорите со ЕУ“

Директно вклучување во работните групи по сите поглавја и кластери, широки и под тематски консултации и вклучување на поединци номинирани од граѓанските организации во некои групи, се моделите за учество на граѓанските организации во процесот на пристапувањето во Европската Унија, за кои се дискутира денеска во рамките на настанот „Граѓанските организации – катализатори на Европската интеграција на Северна Македонија“.

Во изјава за медиуми пред настанот, вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, кажа дека граѓанските организации се клучен елемент во процесот на евроинтеграции на земјата.

Најголемата одговорност е на Владата, Собранието и на политичарите, но без процес на отвореност, отчетност, консултација и учество на граѓанските организации, тој процес не може да биде целосно успешен. Затоа ние уште од првиот ден од кога се започнати преговорите минатата година имавме неколку круга на консултации. Замоливме дури и Советот за соработка на Владата и граѓанските организации, да ги разгледа можностите за тоа како да се вклучат граѓанските организации во процесот на преговори“, изјави тој.

Вицепремиерот Маричиќ информираше дека бил ангажиран експерт од странство, кој што подготвил анализа која нуди три опции за вклучување на граѓанските организации.

Едната опција е директно вклучување во работните групи по сите поглавја и по сите кластери, Таа е опцијата која што бара најмногу одговорност и најмногу ангажман од невладините организации. Втората опција е широки консултации под тематски консултации наместо учество во работните групи. Консултации за секоја работна група. И третата е некој комбиниран модел, каде што правиме тематски консултации и вклучуваме поединци номинирани од граѓанските организации во некои групи“, вели тој. 

На новинарско прашање зошто не е ангажиран експерт од нашата држава, Маричиќ одговори дека сметаат оти е најсоодветно да се ангажира човек со искуство од регионот.

Сметавме дека е најсоодветно да ангажираме човек со искуство од регионот којшто доволно ја позава ситуацијата тука и може да примени компаративни искуства од дражва која што веќе преговара со Европската Унија, тоа е Црна Гора, каде што веќе постои систем на вклученост, да ги сподели тие искуства и да ја направи таа анализа. Одлуката како ќе се вклучат, секако, ќе ја донесат нашите организации заедно со Владата“, вели вицепремиерот Маричиќ.

На дискусијата, покрај Маричиќ, воведни обраќања имаа и шефот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Џеин и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменик на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу Халили.

По обраќањата, експертот за соработка со граѓанските организации во преговорите за пристапување кон Европската Унија, Момчило Радуловиќ ги презентира моделите за учество на граѓанските организации во процесот на пристапување во ЕУ.