Марк Цукерберг по стапките на Илон Маск! Мета отпушта 10.000 работници

Компанијата Мета најави дека ќе отпушти дури 10.000 вработени, а ова ќе биде втор бран отпуштања во оваа компанија која во ноември минатата година отпушти 11.000 луѓе.

Извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, кој е сопственик на Фејсбук, Инстаграм и WhatsApp, рече дека одлуката е тешка, но дека е дел од „планот aа ефикасност“.

Покрај кратењето на 10.000 работни места, 5.000 отворени позиции во компанијата ќе останат непополнети.

За време на обраќањето до вработените, Цукерберг рече дека верува оти компанијата добила „алармантен повик“ во 2022 година кога приходите се намалиле.

Тој ги наведе повисоките каматни стапки, глобалната геополитичка нестабилност и зголемената регулатива како некои од факторите кои влијаат на Мета.

– Мислам дека треба да се подготвиме за можноста оваа нова економска реалност да продолжи и во наредните години – рече Цукерберг.

НАМАЛУВАЊЕ НА ТРОШКОВИТЕ

Кратењата доаѓаат додека компаниите, вклучувајќи ги Гугл и Амазон, се борат да ги балансираат мерките за намалување на трошоците со потребата да останат конкурентни.

На почетокот на годината, Амазон објави елиминација на повеќе од 18.000 работни места поради „неизвесната економија“ и брзото вработување за време на пандемијата на коронавирус, додека матичната компанија на Google Alphabet отпушти 12.000 вработени.

Повеќе од 128.000 луѓе се отпуштени во технолошката индустрија досега оваа година.