МВР на Србија: Пожарот во Нови Пазар избувнал многу порано од дојавата

„Иако пожарникарите спасувачи реагираа многу брзо и стигнаа до местото, се чини дека пожарот избувнал многу порано од самата дојава, со оглед на тоа што пожарот е затечен во поодмината фаза“.

Четирите деца, на возраст од шест месеци до пет години, најверојатно починале од задушување со јаглерод моноксид во пожарот во Нови Пазар (Србија).

Пожарот се случи утрово околу 7 часот во станбена зграда во Нови Пазар.

Од Министерството за внатрешни работи на Србија соопштија дека пожарникарите веднаш по добивање на дојавата пристигнале на местото на пожарот за само неколку минути и затекнале пожар што веќе бил во поодмината фаза.

Во соопштението се наведува дека при влезот во опожарените простории, најдени се четири деца кои најверојатно починале од задушување со јаглерод моноксид, додека таткото и мајката биле повредени во соседната просторија.

Пожарот е брзо локализиран, а потоа и изгаснат, а истрагата ќе ги утврди причините за неговото избивање и задушувањето на децата.

„Иако пожарникарите спасувачи реагираа многу брзо и стигнаа до местото, се чини дека пожарот избувнал многу порано од самата дојава, со оглед на тоа што пожарот е затечен во поодмината фаза“, се вели во соопштението на МВР.

Раководителот на хируршкото одделение на Општата болница во Нови Пазар, Шефкет Хајровиќ, изјави дека таткото со изгореници на повеќе од 50 отсто од телото и оштетени дишни патишта бил интубиран и транспортиран во Белград, во Центарот за изгореници.

Хајровиќ истакна дека мајката има полесни изгореници на челото и рацете и нејзината состојба ќе биде следена во болницата во Нови Пазар.