Меси го пропушта дуелот против Монако, но ќе биде подготвен за Баерн

Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси ќе го пропушти поради повреда првенствениот натпревар на ПСЖ против Монако в сабота, објави парискиот клуб денеска, четири денови пред осминафиналниот дуел против минхенски Баерн во Лигата на шампиони.

„Поради повреда на тетивата на коленото за време на натпреварот против Марсеј (одигран во средата во рамки на францускиот Куп), Лео Меси ќе мора да се лекува 48 часови. Неговото враќање на тренинзите е закажано за в понеделник“, се наведува во клупското соопштение.

Тренерот на ПСЖ, Кристофер Галтие, рече дека Меси ќе биде во составот за натпреварот против Баерн во вторник.

„Меси е неизвесен против Баерн Минхен? Ќе го нема против Монако, но ќе се врати на тренинзи в понеделник. Затоа можеме да го отстраниме терминот ’неизвесен‘, изјави Галтие денеска на прес-конференција во Париз.