Милановиќ: Србија ќе мора на некој начин да го признае Косово

„За Србија да дојде на Запад, каде е добредојдена, некои работи мора да се сменат“, истакна хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по средбата со претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар.

Eвропската перспектива на државите од Западен Балкан и процесот Брдо-Бриони беа дел од главните теми на разговор помеѓу претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар која допатува во својата прва официјална посета на Хрватска.

Словенечката претседателка најави дека ќе се обиде да го одржи процесот Брдо – Бриони со цел зајакнување на дијалогот во регионот со посредство на Словенија и Хрватска, за кои рече дека постигнале најмногу во регионот.


Таа додаде дека двете земји заеднички работеле на придружување на Босна и Херцеговина на Европската унија.

„Додека политичарите од земјите од регионот разговараат, тоа може да биде само добро, не може да биде воопшто лошо“, рече Пирц Мусар најавувајќи дека ќе ги посети и другите земји од регионот.

Таа, исто така, најави дека следниот состанок на иницијативата Брдо-Бриони треба да се одржи на крајот на оваа година во Северна Македонија, посочувајќи дека темите на разговор треба да бидат помалку идеолошки и повеќе посветени на младите во регионот кои се иселуваат во голем број.

„Намерите во поглед на таа иницијатива се исти, а тоа е интеграција и корист за државите од овој простор, без оглед како го нарекуваме, Западен Балкан, поранешна Југославија“, изјави Милановиќ.

„Тоа зависи од желбата и расположението и на другите да учествуваат во него, Србија, претседателот Вучиќ, би сакал да слушнам негов став за тоа. Оставам отворени врати, БиХ доби статус на кандидат во меѓувреме“, изјави Милановиќ.

Тој додаде дека за таа одлука уште минатата пролет гласале сите претставници во Парламентарното собрание на БиХ, па и претставниците од Република Српска, порачувајќи дека често му е тешко да сфати што навистина мисли Милорад Додик, со оглед дека неговите претходни изјави биле во спротивност со таа одлука.

Милановиќ нагласи дека за иницијативата Брдо-Бриони треба да се разговара и со новите членови на Претседателството на БиХ, оценувајќи дека Северна Македонија е добро избрано место за следниот состанок. Изрази надеж дека тој состанок нема да заврши како претходните два, без заедничко усогласено соопштение.

Милановиќ за Косово: Без воодушевување

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја коментираше својата изјава за Косово дадена пред два дена кога изјави дека „Косово е одземено од Србија и анектирано“. Тој го пофали српскиот претседател Вучиќ бидејќи не реагираше веднаш, како бројни српски таблоиди, туку најави дека ќе ја преслуша неговата изјава.

„Без воодушевување, молам. Нека се огледаат на Вучиќ и точно нека видат што кажав. Можев да кажам и дека Србија останала без Косово или дека Косово на Србија ѝ е одземено, ќе значи исто. Србија остана без Косово, не го даде доброволно, го загуби во војна. Тоа (Косово) во меѓувреме е признаено, Хрватска го призна меѓу првите, и јас наоколу, кога можам, користам прилика луѓето да ги уверам да го признаат Косово доколку тоа не го направиле, и европските и латиноамериканските државници, засега не успеав. За Србија да дојде на Запад, каде е добредојдена, некои работи мора да се сменат“, порача Милановиќ.

Претседателката на Словенија порача дека ставот на Словенија за Косово е познат, а порача дека единствен пат за државите од тие простори е патот во Европската унија.

„Иднината на државите од Западен Балкан е европски процес кој уште не е мртов“, порача претседателката Пирц Мусар.

„Ситуацијата во Украина е почеток на крајот на една привидна српско-руска романса во која Србија ќе разбере дека е изневерена љубовница“, изјави Милановиќ, додавајќи дека „Русија ќе мора кога-тогаш да го признае Косово или да се прави дека го признава за да го легализира она што го прави во Украина“.

„Тие (Србија) мораат да сфатат дека тие на Русија ѝ пречат и дека тука нема никаква љубов. Србија ќе мора на некој начин да го признае Косово, а албанските власти ќе мора дадат некаков статус на заедницата на српските општини на северот на Косово“, заклучи Милановиќ.

TRT Balkan