Министрите за надворешни работи на НАТО ќе дебатираат за односите со Украина и трошоците за одбрана

 Министрите за надворешни работи на НАТО денеска на вториот ден од состанокот во Осло ќе разговараат за новите трошоци за одбрана и за идните односи на алијансата со Украина.

– Секој нов руски дрон и ракетен напад само ќе нè натера да ги поддржиме Украинците уште повеќе во нивната самоодбрана, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред разговорите.

Како што пренесе ДПА, собирот е уште еден дипломатски чекор пред самитот на лидерите на НАТО во Вилнус закажан за 11 и 12 јули, кој има за цел да поттикне договор за тоа како да се зајакнат врските со аспирантот за членка Украина.

НАТО покажа единство наспроти руската агресија против Украина, но допрва треба да најде заеднички јазик за да и го отвори патот кон прием на нападнатата земја.

Алијансата треба „да ја засили хуманитарната и воената помош“ за Украина, рече норвешката министерка за надворешни работи Аникен Хуитфелд пред денешниот состанок.