Мицкоски: Наместо да се зближуваме денес за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја со нашите соседи

 Наместо да се зближуваме, да се зголемува нашето пријателство ние денес за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја со нашите соседи, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по полагањето цвеќе на гробот на великанот Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

-Две чувства се развиваат кај мене. Првото е чувство на почит кон Македонецот, кон великанот Гоце Делчев за тоа што го сторил за Македонија, за тоа што го направил за македонскиот народ. Ние сме горди што имаме еден таков човек да го славиме и е дел од нашата историја, нашиот македонски ген и тоа е чувство на задоволство и среќа кај секој еден чесен и честит Македонец. И второто е чувството на разочараност, кое кај мене се создаде денеска чекорејќи од онаа прва барикада преку втората барикада до овде до оваа црква и наместо да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство ние денеска за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја, изјави Мицкоски кој ја предводеше партиската делегација на одавањето почит на великанот Делчев.

Тој при тоа се осврна на засилените безбедносни мерки во кои се одвива чествувањето на раѓањето на великанот, со надлетувањето хеликоптери како во воените времиња.

 -Ние сме мирољубив пријателски народ и секој којшто доаѓа со добра мисла го почитуваме и очекуваме да не почитува. Доколу тие одлучиле да го слават Македонецот Гоце Делчев не гледам зошто би имало причина да има проблем, рече Мицкоски на прашање од бугарски новинари дали очекува да има проблеми со доаѓањето на бугарските претставници и дали ВМРО-ДПМНЕ организира блокади за непуштање на границата и тука пред црквата.

За односите меѓу Скопје и Софија, тој посочи дека бугарските политичари се тие кои не враќаат во средниот век за ситни политички поени.

-Тоа треба вашите политичари да дадат одговор бидејќи се тие коишто не враќаат во средниот век, а не не носат во 21-иот и 22-иот век. Наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, да зборуваме за економија, да зборуваме за подобро образование и размена на искуства и технологии, намето да ги пренесат искуствата во процесот на пристапување кон ЕУ кон нас Македонците и Македонија тие не враќаат во средниот век. Тоа е за жал дело на политичарите од Бугарија коишто за да соберат ситни политички поени се прават себеси тоа што не треба да се прават и наместо да бидат политичари за 21-иот век стануваат се повеќе естрандни циркузанти и политичари, рече Мицкоски.  

Тој порача дека двете земји се географски едни до други и доколку сакаат да градат добри односи потребно е заемно да се почитуваат.

-Знаете, соседот не можете да го бирате. Соседот Господ ви го дава и треба да се почитувате. Пријателите можете да ги бирате, но соседите за жал не можете. Треба да не почитувате и треба да ве почитуваме, односно треба сите да се почитуваме ако сакаме да градиме добри односи. Со провокации, со негирање на македонскиот идентитет, со негирање на македонската историја, со негирање на македонската култура, со негирање на македонскиот јазик вие не можете да кажете дека не’ почитувате, рече Мицкоски. 

Прашан дали смета дека може дополнително да ги наруши одосите тоа што бугарски државјани не можеа да дојдат поради пад на системот на граничните премини Мицкоски одговори: „Повторно ќе кажам, секој којшто сака да оддаде почит на великанот македонски, синот македонски Гоце Делчев е добродојден, но провокатори и естрадни политичари коишто имаат проблем да убедат и соседите да гласаат во соседна Бугарија за нив и овдека да провоцираат се разбира не се добредојдени, но за тоа повеќе мислам дека треба да ви даде одговор министерот за внатрешни работи и Владата, рече Мицкоски.