Мицкоски: Уставни измени под овие околности нема да има, овие работи ќе ги кажам и на лидерската средба

– Не сум човек што во ракавици говори, туку отворено, и ги кажувам  работите онакви какви што се. Имаме власт која е во распаѓање, тотална анархија во институциите, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина во Кавадарци насловена „Политики за развој енергетскиот сектор“.

Според него, претседателот на државата Стево Пендаровски во изминатите четири години и повеќе ја испуштил можноста со своите постапки да биде претседател на сите граѓани и покажал дека е претседател само на оние малкумина кои се уште го поддржуваат.

– Јас немам проблем со коридорите кои ќе се градат, но имам проблем и секогаш ќе имам со грабежот кој се прави на грбот на овој народ во името на тие коридори. Јас немам проблем која компанија ќе ги гради коридорите, но да, имам проблем со криминалците во владата кои потпишаа договор свесно ставајќи ја Македонија во должничко ропство. И да имам проблем со тоа што тие и од овој договор сакаат да станат побогати додека народот осиромашува. И нека не се залажуваат со оние пораки од власта еве гледајте сега што ќе им направат странците на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што зборат за договорот. Па и странците, нашите пријатели од меѓународната заедница не сакаат криминал и странците не поддржуваат корупција. Нема извештај на меѓународна институција која не констатира висока корупција во институциите, рече меѓу другото Мицкоски.

Додаде дека време е ДУИ да отидат во опозиција и да се реформираат.

– Верувам дека оваа генерација на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заедно со мене, со раководството на партијата го носи најголемиот товар да не попушти пред сите притисоци и убедувања за уставни измени затоа што не смееме да го разочараме народот. И ви кажувам дека уставни измени под бугарски диктат и под овие околности нема да има. Овие работи кои сега ги говорам истите ќе ги кажам и на лидерската средба која од власта најавуваат дека ќе се случи, порача од Кавадарци претседателот на ВМРО – ДПМНЕ.

Мицкоски смета дека не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, како што рече, стокмени напишани, по бугарски терк, а премиерот бара лидерска средба. Тој нагласи дека е потребна оставка на владата, народот да излезе масовно на избори и да одбере иднина.

– Најавувам блок кој ќе се соедини околу најважните интереси на Македонија, каде ќе се обединиме многу субјекти од сите партии и групации кои се вистински заинтересирани Македонија да е на сите и да одиме напред. Најавувам блок кој ќе понуди програма и визија, кој ќе се бори и за нови европски вредности и за економски достигнувања. Мора да се отвори нова страница во одбрана на македонскиот идентитет, на стандардот на граѓаните, страница која ќе обезбеди вистинска европска перспектива во Македонија, истакна Мицкоски на трибината во Кавадарци.

Говореше и за откупот на грозјето за повисоки цени, за условите за работа на земјоделците, за системите за наводнување.

Гордана Димитриеска Кочоска на денешната трибина во Кавадарци, рече дека ништо не е направено за енергетиката и потсети на дислокацијата на реката Темница во РЕК Осломеј, со што, како што подвлече, се обезбедуваат дополнителни 8 милиони тони јаглен и се продолжи животниот век за скоро 10 години. 

Таа истакна дека за време на ВМРО-ДПМНЕ во 2010 година целосно е завршена реконструкција и модернизација на двата турбо агрегати во Подружница Енергетика со што, како што наведе, имаме и поголема инсталирана моќност, но во исто време се продолжува животниот век. 

– Во истата 2010 година воспоставен е диспечерскиот центар во централата на тогашно АД ЕЛЕМ, со што дојде до прецизно, координирање, планирање и регулација на производството на електрична енергија и на некој начин правилно и оптимално производство со најниски трошоци. Она што е многу важно да се каже е дека во 2012 година комплетно се  заврши и е стави во употреба рудникот Брод Гнеотино и се направи транспортна трака за јагленот од рудникот до Суводол, рече таа. Додаде дека потоа е направена и модернизација или реализација на дел од трите блока во РЕК Битола, со што, појасни, покрај тоа што се продолжи животниот век за дополнителни 120.000 работни часа, се зголеми и моќноста”.

– Завршена е хидроцентрала  Света Петка, огромен проект за производство на електрична енергија, нешто што денес не знаат ни да го испроектираат, а не пак да го направат. Во Енергетика подружница комплетно беше завршена топловодната вода со што еден дел на Скопје доби топлинска енергија.  Во 2014 беше завршен ветерниот парк Богданци. Тие ветуваа обновливи извори на енергија, ништо не направија, нагласи Димитриска Кочоска.

Според  градоначалникот Митко Јанчев, Кавадарци се развива на секое поле, а инфраструктурата е огледало на општината. 

– Втор мандат сум градоначалник и сакам да се заблагодарам на максималната поддршка на Општината, на граѓаните со 76 отсто поддржаност во вториот мандат, при што е голема голема обврска за мене. Морам да потенцирам дека сплотеноста на Општината со јавните институции, со граѓаните, достапноста на Општината во делот на граѓаните и секојдневието го прави Кавадарци да биде град достапен за самите граѓани,  истакна градоначалникот вечерва на трибина на ВМРО – ДПМНЕ насловена  „Политики за развој на енергетскиот сектор“.

Јанчев додаде дека се инвестира во спортот и во таа насока говореше  за фудбалскиот клуб „Тиквеш“ и за ракометарскиот клуб „Тиквеш“.  

– Општината во изминативе четири години спортот го поддржува со рекордни 20 милиони денари на годишно ниво,  нагласи градоначалникот на Кавадарци.

Јанчев се осврна и на тоа дека од втората изборна програма, досега се реализирани над 70 отсто од сите проекти. 

– Би споменал неколку капитални, меѓу кои е пуштањето на работа и доградувањето на градскиот пазар, денес општината Кавадарци има еден од помодерните пазари во Македонија. На нашите земјоделци им е овозможено да имаат подобри услови за продажба на земјоделските производи, а на граѓаните подобри услови при пазарување. Прометот на самиот градски пазар во однос на земјоделските производи е подигнат некаде за околу 50 проценти, посочи меѓу другото Јанчев.