ММФ: Во текот на оваа година се очекува постепено закрепнување на украинската економија

Банкарскиот систем е целосно функционален. Без оглед на нападите врз критичната инфраструктура, економијата некако се прилагодува, рече Георгиева во вторникот по завршувањето на посетата на Украина.

Во текот на оваа година се очекува постепено закрепнување на украинската економија, изјави извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, пренесува Анадолија.

„Банкарскиот систем е целосно оперативен. Без оглед на нападите врз критичната инфраструктура, економијата некако се прилагодува“, рече Георгиева во вторникот по завршувањето на посетата на Украина.

„Државните агенции и економските институции функционираат исклучително добро, собираат даноци и исплаќаат плати и пензии“, додаде Георгиева.

Таа посочи дека е многу важно да функционира украинската економија.

„Во мојата посета и разговор видов дека економијата функционира и покрај огромните предизвици. Продавниците се отворени, услугите се даваат и луѓето одат на работа“, рече Георгиева.

По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други официјални претставници, Георгиева истакна дека нивната визија е премин од закрепнување во период на реконструкција и пристапување во Европската унија (ЕУ).

„На состаноците ја повторив јасната определба на ММФ да продолжи да ја поддржува Украина. Меѓународната заедница ќе продолжи да игра клучна улога во поддршката на Украина, вклучително и помагањето за решавање на нејзините финансиски потреби во 2023 година и понатаму“, рече Георгиева.

Украинскиот премиер Денис Шмихал изјави во понеделникот по состанокот со Георгиева дека Киев се надева дека ќе добие повеќегодишна програма за поддршка од најмалку 15 милијарди долари од ММФ.