Може ли со оптички кабли навреме да се предупреди за земјотрес?

Неодамнешните катастрофални земјотреси во Турција и соседна Сирија кои одзедоа над 50.000 животи ја актуелизираа темата за развој на научни методи за рана детекција на земјотреси и дали воопшто таков исчекор е возможен во науката.

Кога двата силни земјотреси од 7.6 и 7.7 степени кои удрија на 6 февруари, повеќето од луѓето немаа никаква претстава за размерот на фаталноста и уништувањето.

По „катастрофата на веко“ како што беше наречена деструкцијата од земјотресите и последователните шокови, се поттикна дебатата за создавање системи за предупредување пред да се случат потресите.

Во последните години научниците постигнаа напредок во создавање на системи за рано предупредување од земјотрес кои испраќаат предупредувања директно до луѓето преку телефон, а тоа се случува кога сеизмометрите ќе го забележат почетокот на тресењето.

Оваа технологија нуди предупредување од неколку секунди, во зависност од близината до епицентарот, што може да обезбеди доволно време за луѓето да се засолнат и заштитат себеси.

Една од новите технологии која може да направи промена е дистрибуирано акустично сензорирање или скратено ДАС.

Иако ДАС, се уште е во рана фаза, научниците сметаат дека може да ја користат распространетата мрежа на оптички кабли поставени под земја за да детектира сеизмички бранови.

Додека овие кабли се наменети првенствено за телекомуникации, движењето на земјата малку го нарушува протокот на светлина, односно преносот на податоци кои се пренесуваат низ кабелот, создавајќи различни сигнали кои научниците можат да ги детектираат.

Иако ДАС не може да предвиди земјотреси, може да детектира тресења во рана фаза кои може да бидат први знаци за претстоен земјотрес.

Замена на сеизмометри

ДАС функционира слично како системот за рано предупредување „ШејкАлерт“ (ShakeAlert) кој го користи Геолошкиот институт на САД.

ШејкАлерт е составен од над 1.400 сеизмографски станици низ Калифорнија, Орегон и Вашингтон кои ги следат брзодвижечките П бранови кои се предвесници на повеќе штетните С бранови и површински бранови.

Системот испраќа итни предупредувања до мобилните телефони на локалните жители доколку алгоритмите утврдат дека потресот ќе биде над 5 степени.

Овој систем може да обезбеди предупредување од неколку секунди, но е ограничен од далечината од епицентарот, што значи дека колку сте поблиску, толку имате помалку време да се подготвите.

ДАС се разликува по тоа што користи оптички кабли наместо сеизмометри за да се создаде еден огромен сензор за земјотреси.

Научниците може да прикачат уред наречен испитувач (интерогатор) на неупотребените кабли и да активираат ласерски пулс преку жиците.

Со анализа на фрагментите светлина која се одбива назад кога кабелот се тресе, научниците може да ги лоцираат потресите според времето кое е потребно за сигналот да стигне до испитувачот. Бидејќи ДАС покрива голема површина, наместо една точка, има потенцијал да обезбеди подетално покритие и потенцијало повеќе време за предупредување.

Иако ДАС е во рана фаза на развој има неколку предности.

На пример многу од каблите веќе се инсталирани, правејќи системот полесно и поевтино да се имплементира во споредба со други технологии.

Исто така со ДАС може да се прошири примената и на потенцијално следење на вулкански активности и детектирање на лизгање на земјиште.

Употребата на оваа технологија би можела значително да го намали бројот на изгубени животи при идни земјотреси и останати видови на природни катастрофи.

ТРТ БАЛКАН