Молдавската претседателка го номинираше за премиер секретарот на Врховниот совет за безбедност, Дорин Речан

– Молдавската претседателка Маја Санду денеска го номинираше секретарот на Врховниот совет за безбедност Дорин Речан за премиер.

– Номиниран кандидат за премиерската функција е Дорин Речан, рече Санду на брифингот за медиумите по консултациите со лидерите на парламентарните партии.

Според законот, Речан во рок од две недели во парламентот треба да ги претстави членовите и програмата на владата.

Речан е поранешен министер за внатрешни работи.

Тој најави дека како премиер ќе продолжи да води политика за пристапување на Молдавија во ЕУ. Според него, приоритет на неговата влада ќе бидат редот и дисциплината, заживувањето на економијата, како и мирот и стабилноста.

Именувањето на новиот мандатар доаѓа откако досегашната премиерка Наталија Гаврилица објави дека нејзината влада поднесува оставка, по турбулентните 18 месеци на власт, обележани со економски превирања и последователни потреси од руската војна врз соседна Украина.

„Верувам во молдавскиот народ. Верувам во Молдавија“, рече таа на брифингот со новинарите. „Верувам дека ќе успееме да ги поминеме сите тешкотии и предизвици.

Поранешната советска република земја со 2,5 милиони жители страда од зголемената инфлација и лани беше погодена од приливот на украински бегалци. Во државата имаше и голем број прекини на испораката на струја по руските воздушни напади врз украинската енергетска инфраструктура и се бореше да ја прекине својата зависност од рускиот гас.

Протестите избија поради зголемувањето на цените, особено на гасот од Москва, во она што Кишињев го опиша како дел од кампањата за дестабилизација на владата спонзорирана од Кремљ.

Гаврилица ја презеде функцијата во август 2021 година, откако нејзината проевропска Партија за акција и солидарност обезбеди мнозинство во Парламентот со мандат за расчистување со корупцијата.