Морето кај Истанбул нагло се повлече за 25 метри

Мраморното море кај Истанбул ненадејно се повлече за 25 метри, што предизвика загриженост кај жителите.

За појавата се огласија од Техничкиот факултет во Истанбул, соопштувајќи дека повлекувањето на морето не е поврзано со земјотресот што пред осум дена го погоди југот на земјата.

„Поради центарот со висок притисок лоциран во западниот дел од Турција, ветерот веќе подолго време дува над Истанбул од север кон југ, односно кон Мраморното Море“, информираа од факултетот.

Како што соопштија од Главната управа за метеорологија, интензитетот на овој ветер е 20 километри на час.

Ветерот постојано ја носи површинската морска вода од брегот на Мраморното Море на европската страна на Истанбул кон југ.

„Поради тоа на северниот брег на Мраморното Море во насока кон Авџилар, нивото на водата се намалува и се повлекува, додека на јужниот брег на спомнатото море нивото расте“, ​​соопштија од Техничкиот факултет.