Муслиманската заедница спречи палење на Тора пред израелската амбасада во Стокхолм

Шведското Министерство за надворешни работи соопшти дека се откажани демонстрациите пред израелската амбасада во Стокхолм, на кои требаше да биде и палењето на Тората. Во интервју за The Jerusalem Post, локалниот рабин рече дека всушност раководството на локалната муслиманска заедница помогнало да се спречи овој чин да се случи.

Според шведските медиуми, египетскиот писател кој живее во Шведска неодамна поднел барање до локалната полиција за овие демонстрации. По објавувањето на планираните демонстрации на израелското радио, израелското Министерство за надворешни работи во соопштение рече: „Постапивме веднаш и решително за да спречиме шокантен и понижувачки настан“.

Стокхолмската полиција всушност имала намера да дозволи одржување на демонстрациите бидејќи се смета за слобода на изразување. Дополнително, седум дена претходно, слични демонстрации беа одржани пред турската амбасада, меѓу кои беше и палењето на Куранот.

„Палењето на свитокот на Тора беше спречено благодарение на раководството на муслиманската заедница во Шведска“, изјави рабинот Моше Дејвид Хакоен за The Jerusalem Post. Хакоен е ко-основач и директор на проектот Амана, шведска организација која промовира дијалог и врски меѓу верските малцинства, главно муслимани и Евреи.

„Кога дојдовме до ситуацијата кога Шведска инсистираше на правото на слобода на изразување (пред планираната демонстрација за свитокот од Тора), оние кои работеа зад сцената и се зближија со египетскиот писател беа луѓе од муслиманската заедница во Стокхолм и исто така и муслиманското раководство, поврзано со организацијата Амана“, рече Хакоен.

Тој додаде дека по палењето на книгите од Куранот пред турската амбасада во Шведска, еврејската заедница во соработка со Аманах објави изјава во име на сите еврејски заедници за поддршка на муслиманската заедница. Беше објавено соопштение во кое еврејската заедница најостро го осудува палењето на Куранот и бара промена на законот, ограничување на законот за слобода на говор.

„Ја изразуваме нашата длабока загриженост што повторно сме сведоци на исламофобични манифестации на омраза на улиците во Шведска. Уште еднаш, на расистите и екстремистите им беше дозволено да ја злоупотребат демократијата и слободата на говорот со цел да ја нормализираат омразата против едно од верските малцинства во Шведска со палење Куранот“, се вели во заедничката изјава на шведската еврејска заедница и Амана.

„Нашата трагична европска историја нè научи дека палењето книги честопати сигнализира почеток на нормализирање на омразата кон некоја група во општеството. Историски против Евреите, а моментално и против муслиманите. Непрепознавањето на овие манифестации на омраза како израз на закани и поттикнување против етничките групи е непочитување на историјата“, се додава во соопштението на еврејската заедница.

Тие заклучија дека сакаат да изразат „поддршка за шведската муслиманска заедница и јасно да наведат дека секоја акција и знак на предрасуди и омраза е неприфатлива“.