Над 200 илустрации на хрватски и македонски автори на „Литера 2023“

Повеќе од 200 илустрации на автори од Хрватска и Северна Македонија се изложени на 5. Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“ кој се организира во Музејот на град Скопје. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Свет со љубов“. На фестивалот гостуваат тројца илустратори од Хрватска: Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ Врачар и Бранка Холингсворт Нара. Ним им се придружуваат петтемина македонски академски уметници- Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калиопи Трпчева и Сања Симоска кои се пријавија на конкурсот на фестивалот и беа селектирани за големата изложба.

Од тимот на „Литера 2023“ велат дека петгодишниот јубилеј на фестивалот ќе го одбележат со петдневно славење на професиoналната илустрација наменета за деца, сликовниците и литературата за деца.

„Во тоа ќе ни помогнат тројцата врвни илустратори и креативци од Хрватска. Нивното присуство на фестивалот е особено важно бидејќи преку мастеркласови и предавања своето искуство ќе го пренесат на младите илустратори и сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија во нашата земја. Особено ни е важно да ги поддржиме македонските професионални илустратори. Нè радува интересот на авторите кои учествуваа на конкурсот. Тоа е знак дека постои интерес за илустрацијата, но треба да им се даде вистинско место на авторите“, велат од тимот.

Mакедонската современа сликовница

Македонската современа сликовница e во фокусот на конференцијата што Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“ ја организираше денеска во Музејот на град Скопје. Конференцијата составена од два панела е дел од програмата на петтото издание на фестивалот, што годинава се одржува под мотото „Свет со љубов“.

ТРТ БАЛКАН