Намален бројот на пасивни села во Виничко, фирмите се регистрираат таму за да избегнат обврски кон Општината

Фирми во општина Виница регистрираат седишта во планинските села за да избегнат плаќање на даночните и други обврски кон локалната самоуправа, користејќи одлука од 2014 година со која овие населби се сметаат за пасивни со изразена миграција и се ослободени од плаќање на надоместоците во општинскиот буџет.

Советот на Општина Виница го усвои предлогот за измена на одлуката со што бројот на пасивни населени места од досегашните 12 се намали на само три, односно остануваат Црн Камен, Калиманци и Грљани, како планински села од разбиен тип.

-Одделението за даноци констатира дека во последните години има тенденција правните лица за седишта да ги земаат населените места што се евидентирани како пасивни и на тој начин го избегнуваат плаќањето на комуналните такси што се нивна обврска кон Општината. Таквите субјекти својата дејност ја извршуваат во градот, но основаат нови подружници или седиштето го префрлаат во овие села и го избегнуваат плаќањето на давачките. За жал, во овие населени места и домицилно население со мали фирми, продавници или фарми, што исто така ќе бидат опфатени, но принудени сме на ваква мерка за да го намалиме трендот на префрлување на седиштето, иако сме свесни дека се работи за пасивизирани подрачја, истакна секретарот на Општина Виница, Гоце Алексов.

Опозициската советничка група во општинскиот совет на Виница беше воздржана за менувањето на бројот на пасивни населени места, со образложение дека тоа ќе има негативни последици за малите селски продавници кои и без оваа мерка се соочуваат со потешкотии во економската оправданост од работењето.