Најмалку 187 луѓе загинаа во судири меѓу бандите на Хаити

– Најмалку 187 лица загинаа за помалку од две недели во новите судири меѓу бандите на Хаити, а уште 150 се повредени, соопштија денеска ОН.

Новиот бран на насилство регистриран од 27 февруари до 9 март во главниот град Порт-о-Пренс и во централниот регион Артибонит, исто така, расели стотици луѓе и ги принуди земјоделците да ја прекинат работата во момент кога ситуацијата со храната во земјата се влошува, соопштија претставници на локалните власти.

„Ситуацијата е уште поалармантна за децата, кои често се изложени на сите форми на вооружено насилство, вклучително и присилно регрутирање и сексуално насилство, соопштија Обединетите нации на Хаити.

Дополнително, од почетокот на годината биле пријавени речиси 260 киднапирања, при што луѓе биле киднапирани од нивните домови или на јавни места, информираа властите.

Бандите станаа помоќни по атентатот на претседателот Жовенел Мојс во јули 2021 година и веќе контролираат околу 60 отсто од Порт-о-Пренс.

Премиерот Ариел Анри минатата недела сигнализираше дека се обидува да ја мобилизира војската на Хаити за да и помогне на полицијата која нема доволно финансии и персонал во борбата против насилството на бандите, што принудува се поголем број училишта и бизниси да се затворат.