На компаниите кои нема да ги намалат цените ќе им биде отстранета субвенцијата за струја

Компаниите од прехранбената индустрија кои користат повластени цени на струјата и кои не ги намалија цените врз основа на договореното со Владата, ќе ја изгубат оваа привилегија, предупреди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Ова ќе се знае на крајот на месецов според податоците на Државниот пазарен инспекторат. Оние кои ги намалија цените ќе продолжат да ја уживаат таа привилегија.

„На дневна основа разговараме со економските лидери и со одредени сектори од индустријата, особено со производителите на локални прехранбени производи. Во случај да нема дополнително намалување, ќе се доведеме во ситуација ова да се укине како поддршка од владата, бидејќи целта на поддршката што ја даде владата на барање на стопанските комори беше да се влијае на намалување на цените на основните прехранбени производи. Доколку не се сведе на процентот договорен меѓу компаниите и Владата и според очекувањата на потрошувачите, добро е тие средства да им се даваат на граѓаните преку различни мерки“, рече Бектеши на средба со новинарите.

Потенцирајќи дека намалувањето ќе треба да се движи од седум до 13 проценти, тој нагласи дека некои компании ги намалиле цените, а некои други за жал не.

До крајот на овој месец треба да имаме конечен извештај од Државниот пазарен инспекторат и врз основа на тој извештај да се донесат одредени одлуки. Според најавената состојба на кризата, одлуките може да бидат и селективни, така што за компаниите кои не ги намалиле цените оваа мерка да не важи, додека за оние кои ги намалиле и навистина се потрудиле да дадат се од себе за да им помогнат на потрошувачите, треба да продолжи, рече Бектеши.