“НЕМА ОПАСНОСТ ЗА ЕВРОПА!“ – Еврокомесарот за економија Џентилони смирува: “Мораме да ги следиме можните индиректни последици“

Колапсот на американската банка во Силиконската долина – СВБ (SVB) не претставува директна закана за европскиот банкарски сектор, но неговите индиректни последици треба да се следат, предупреди денеска еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.

Мораме да ги следиме можните индиректни последици, но во овој момент мислиме дека тие не претставуваат значителен ризик“, изјави Џентилони.

Европската централна банка (ЕЦБ) будно ја следи ситуацијата, а сите европски банки преземаат соодветни мерки за отстранување на ризикот од слично сценарио, соопшти еврокомесарот.

Влијанието врз вредноста на акциите на европскиот банкарски сектор беше очекувано, но проценката на ризикот од домино ефектот е друга работа“, нагласи тој.

Мислам дека во моментов нема реална опасност од ширење на негативни последици во Европа“, посочи еврокомесарот.

Американската корпорација за осигурување на депозити ФДИЦ (FDIC) во петокот соопшти дека ја купила СВБ, чие седиште е во Силиконската долина. Банка специјализирана за финансирање стартапи пропадна бидејќи не успеа да ги добие парите изгубени од портфолиото на обврзници со итна докапитализација.

Медиумската агенција dpa јави дека министрите за финансии од еврозоната денеска се собраа во Брисел на редовна средба, на која ќе ја анализираат состојбата на економијата и ќе разговараат за буџетската политика.