Нема продажба на Ф-16 на Турција додека таа не го одобри проширувањето на НАТО

Анкара минатиот месец ги прекина разговорите со Финска и Шведска за приклучување кон Организацијата на Северноатлантскиот договор по протестите во Стокхолм и палењето на копија од Куранот.

Американскиот Конгрес не може да ја поддржи продажбата на борбени авиони Ф-16 во вредност од 20 милијарди долари на Турција додека Анкара не го ратификува членството на Шведска и Финска во НАТО, објавија група сенатори од двете партии.

Шведска и Финска минатата година аплицираа за приклучување кон алијансата откако Русија ја нападна Украина, но се соочија со неочекувани приговори од Турција и оттогаш се обидуваат да ја добијат нејзината поддршка.

Анкара сака Хелсинки и Стокхолм да заземат поостар став кон Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и Европската унија ја сметаат за терористичка група, а друга група Анкара ја обвинува за обидот за државен удар во 2016 година.

Продажбата на авионот се уште е во тек

Трите земји постигнаа договор во Мадрид минатиот јуни, но Турција ги прекина разговорите минатиот месец, по протестите во Стокхолм за време на кои екстремно десничарски дански политичар запали копија од Куранот .

Во писмото до американскиот претседател Џо Бајден, 29 демократски и републикански сенатори рекоа дека двете нордиски земји прават „целосни и добри напори“ да ги исполнат барањата за членство во НАТО што ги бара Турција, иако Анкара вели дека Шведска мора да стори повеќе.

„Откако Турција ќе ги ратификува протоколите за пристапување во НАТО, Конгресот може да размисли за продажба на борбени авиони Ф-16. Меѓутоа, ако не се стори тоа, ќе се доведе во прашање оваа продажба, која е во тек“, напишаа сенаторите, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.

Тоа е првпат Конгресот експлицитно и директно да ја поврзе продажбата на Ф-16 на Турција со барањата на двете нордиски земји за прием во НАТО.

Администрацијата на Џо Бајден постојано изјави дека ја поддржува продажбата и одби да ги поврзе двете прашања, иако призна дека ратификацијата на приемот на Шведска и Финска во НАТО ќе го олесни процесот на одобрување на продажбата во Конгресот.

Се чека потписот на Турција и Унгарија

Турција најави дека можеби ќе го одобри влезот на Финска во НАТО, но финскиот претседател и министерот за надворешни работи ја отфрлија идејата, тврдејќи дека безбедноста на двете нордиски земји е меѓусебно зависна.

Од 30-те членки на НАТО, само Турција и Унгарија треба да го ратификуваат членството на нордиските земји.

Во октомври 2021 година, Турција побара купување на 40 ловци Ф-16 од корпорацијата Локхид Мартин и речиси 80 комплети за модернизирање на постојните воени авиони.

За време на посетата на Вашингтон минатиот месец, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека прашањето на НАТО не треба да биде услов за таа продажба и ја повика администрацијата на Бајден да го убеди Конгресот да се откаже од својот приговор.