Нејмар успешно опериран во Доха

 Фудбалерот на ПСЖ, Нејмар, успешно е опериран во Катар, соопшти францускиот клуб, додавајќи оти бразилскиот репрезентативец сега почнува фаза на рехабилитација.

„Нејмар беше опериран во болница во Доха. Операцијата помина многу добро“, соопшти францускиот првак и наведе дека Нејмар сега ќе го почитува протоколот за рехабилитација.

Бразилскиот репрезентативец го повреди десниот скочен зглоб на натпреварот од француското првенство против Лил на 19 февруари.

Проценките на лекарите се дека неговата рехабилитација може да потрае четири месеци.

Поради честите повреди, како и суспензиите, 31-годишниот Нејмар пропушти повеќе од сто натпревари за ПСЖ, откако дојде во францускиот клуб во 2017 година за рекордни 222 милиони евра.