Николова: СДСМ нема да дозволи хаос со коридорите, блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе ги поразиме

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица повеќе од две недели водат хајка во однос на  делниците од коридорите и против реномираната американска компанија Бехтел.


Со денови ВМРО-ДПМНЕ бараше Договорот за коридорите да се достави во Собранието, а сега од партијата на Христијан Мицкоски со денови молчат и не кажуваат кога и на која собраниска комисија тој Договор да се разгледува.


Левица и ВМРО-ДПМНЕ постојано пласираат лажни вести за цената на проектот, како и за законските измени кои се  предвидени за негова реализација.


Тоа покажува едно, дека ВМРО-ДПМНЕ сака по секоја цена да го блокира стратешкиот и воедно најголем проект во инфраструктурата.


Ние како пратеничка група тоа нема да го дозволиме.


Ќе ги искористиме сите механизми што се на располагање и преку соодветна законска постапка ќе ги донесеме измените на петте закони кои гарантираат поевтина и побрза изградба на делниците од коридорите. ВМРО-ДПМНЕ и Левица сакаат да создадат нов хаос, како хаосот со автопатот Кичево-Охрид, кој е симбол на криминал и корупција, но ние тоа нема да го дозволиме. Делниците од коридорите 8 и 10Д ќе се реализираат.


Тоа ќе донесе подобро поврзување во државата, но и бројни придобивки за економијата, односно  отворање на 8.000 нови работни места и номинален раст од два отсто годишно на Бруто домашниот производ.