Николовски: Донесовме историска одлука за жените земјоделки, се работи на системско решение

 Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска соопшти дека годинава, преку досега најголемиот агро буџет од 200 милиони евра, целосно ќе се реализраат новите мерки и програми и ќе почне примената на новиот модел за субвенционирање.

-Почнуваме со примена на новиот модел за субвенционирање што носи поголеми субвенции кај сточарите, се зголемува поддршката за репродуктивните грла добиток, како и поддршката за предадено и произведено млеко. Новата програма што ја воведуваме прв пат е поддршката за мали производители на храна со грант од 10 000 евра за набавка на опрема за производство, пакување и продажба од праг или фарма. Ја продолжуваме и прошируваме Програмата за малите семејни винарии. Обезбедуваме грант од 10 000 евра за малите семејни винарии и 5 000 евра грант за малите дестилерии со кои ќе можат да набават опрема за производство и пакување. Сега сите земјоделци ќе можат во еден повик отворен преку целата година, да подготват сопствен бизнис план, да одберат за што ќе инвестираат и да аплицираат за грант до 10 000 евра, изјави Николовски по брифингот со новинарите.

Презентирајќи ги конкретни мерките, тој посебно се осврна на можноста што прв пат ја добиваат жените земјоделки.

-Конечно жените земјоделки имаат можност да користат платено отсуство за мајчинство. Ова е историска одлука и голем успех што го постигнавме заедно со Министерствто за труд и Националната федерација на фармери. Преку посебна Програма со средства од Платежната агенција ќе исплаќаме еднократна финансиска поддршка за платено отсуство за мајчинство на жените земјоделки. Ова е преодно решение во интерес на руралните жени до донесување системско решение на кое активно работиме, рече Николовски.

Според Програмата, надоместокот за мајчинство е еднократен и изнесува 81 000 денари, а корисници може да бидат индивидуалните земјоделки регистрирани согласно Законот за вршење земјоделска дејност и Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Поддршката се доделува на жени кои родиле дете во периодот од 1 декември 2022 година до 1 декември 2023.

Министерот најави и дека продолжуваат грант поддршките за млади земјодели и рурални жени.