Новиот министер за здравство Меџити ги постави приоритетите – Решавање на хаосот на Клинички, зголемување на платите и проширување на позитивната листа на лекови

Сообраќајниот хаос на Клинички центар, ажурирањето на позитивната листа на лекови и зголемување на платите на здравствените работници, се меѓу главните приоритети на министерот за здравство Фатмир Меџити што ги најави на денешниот прв брифинг со новинарите. 

На брифингот, министерот најави и нов Ургентен тријажен центар на интерни клиники.

Тој потсети дека и самиот доаѓа од Клиничкиот центар и оти како лекар, пред се му се пациентите. Министерот појасни дека и тој самиот може да биде пациент, како и некој од неговото семејство, па мора сите да придонесуваат за подобро здравство.

Меџити беше дециден дека тој и неговиот тим сакаат да воспостават ред, да одговорат на предизвиците во здравството. Но, како што подвлече тој, досега ја согледувале ситуацијата во каква состојба го преземаат Министерството. Сепак, додаде тој, нивен фокус се подобри услови за сите пациенти, не само во Скопје, туку во целата држава.

Министерот кажа дека ја имаат поддршката и од премиерот Димитар Ковачевски, како и од Владата. На претставниците на медиумите им рече дека за него, новинарите се многу важен елемент.

Тој нагласи дека со неговиот тим сакаат работите да одат на подобро, ќе се потрудат да решат се и нема да префрлуваат вина на никого.

Тој најави и смени на некои од директорите на Клиника, на Неврологија, Очна клиника, Ендокринологија, Дерматовенерологија, како и организациските директори на Клиниката на Гинекологија и акушерство и на Онкологија.  

На средбата со претставници на медиумите се обрати и заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева, која рече дека се надева на искрена соработка со медиумите.

Честитајќи им го 8 Март на жените, таа спомна дека според нејзините информации, досега немало жена на нејзината сегашна функција.