НОВ ПРЕСВРТ? – Москва ја појасни изјавата на Путин за нуклеарното оружје

Путин во вторникот објави дека го суспендира учеството на Русија во договорот Нов СТАРТ

Русија ќе продолжи да ја почитува обврската да го намали својот нуклеарен арсенал во согласност со Нов СТАРТ, и покрај одлуката да го суспендира учеството во тој важен руско-американски договор за разоружување што го објави претседателот Владимир Путин.

„Русија сака да задржи одговорен пристап и ќе продолжи строго да ги почитува квантитативните граници за офанзивно стратешко оружје додека не истече договорот“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Путин во вторникот објави дека го суспендира учеството на Русија во Нов СТАРТ, последниот билатерален договор за нуклеарно разоружување меѓу Москва и Вашингтон, кој е продолжен до 5 февруари 2026 година.

Руското министерство ја оправда одлуката со „субверзивни акции на САД“, обвинувајќи ги за повеќекратно прекршување на текстот потпишан во 2010 година, што „го загрозува неговото спроведување“.

Од една страна, истакнува Москва, „екстремно непријателскиот однос“ на Вашингтон и неговата „отворена посветеност на злонамерната ескалација на конфликтот во Украина“ создадоа „сосема поинаква безбедносна средина“ за Русија.

„САД и Западот, кои тие ги контролираат, се обидуваат да и наштетат на нашата земја на сите нивоа, на сите полиња и во сите делови на светот“, тврди руската дипломатија, оценувајќи дека „статусот кво повеќе не е возможен“.

Русија, пак, оценува дека арсеналот на трите нуклеарни сили на НАТО, САД, Франција и Велика Британија, „мора заедно да се земат предвид во процесот на ограничување и намалување“, а Новиот СТАРТ ги засега само Москва и Вашингтон.

На крајот, Русија истакнува дека фактот што САД воспоставуваат системи за противракетен штит способни да пресретнат руски боеви глави го прави Нов СТАРТ неефикасен.

Во исто време, Русија го обвинува Вашингтон за „непочитување“ на текстот кога „исклучи повеќе од сто видови американско офанзивно стратешко оружје од одредбите на договорот или ги прогласи за конвертирано, без да и даде можност на Русија за верификација“.

Според руската дипломатија, Москва може да ја повлече суспензијата на Новиот СТАРТ доколку Вашингтон покаже „добра волја“ за „глобална деескалација“.

Русија на почетокот на август објави дека ги прекинува планираните инспекции на воените бази.