Објавен Зборник во чест на академик Митко Маџунков

– Објавен е Зборник во чест на академик Митко Маџунков од проф. д-р Димка Митева, по повод 80 години од неговото раѓање. Тој е во дигитална форма и содржи неколку трудови посветени на делото на Маџунков: Речник на изрази во романот „Правта на библиотеките“, Фреквентен речник на зборовните форми во „Правта на библиотеките“ и други.

Во четвртиот дел од Зборникот има 37 трудови со трајна вредност, со разни теми од областа на македонскиот јазик за академиците: Ацо Шопов, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Божо Видоески, Петар Илиевски, Катица Ќулавкова, Ѓорѓи Поп-Атанасов, па на Крсте Петков Мисирков, проф. Де Бреј, Моше Алтбауер и други.

Академик Митко Маџунков е роден на 19 март 1943 година во Струмица. Својот пробив и голем успех на полето на литературата го постигнал во текот на 50 години напорна работа.

– Творештвото на академик Маџунков е општопознато и високо вреднувано. Доволно е да се каже дека неговите дела се закитени со повеќе награди и им даваат на македонскиот книжевен израз и на македонскиот книжевен јазик дополнителна доблест. „Правта на библиотеките“ е уште една потврда за неговото извонредно романсиерско мајсторство. Неговото творештво e преведувано на англиски, германски, француски, италијански, руски, бугарски, романски, полски и други јазици, а застапено е и во повеќе антологии и избори. Добитник е на повеќе книжевни награди и признанија: „Исидора Секулиќ“, Рациново признание, роман на годината на „Детска радост“, книга на годината на Македонската книжевна фондација, роман на годината на „Утрински весник“; двапати ја има добиено и Годишната награда на својот роден град Струмица, а во 2015 година ја доби и Државната награда „11 Октомври“, вели проф. д-р Митева.

За член на Македонската академија на науките и уметностите, надвор од работниот состав, е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.