Објектите на институциите и спомениците на културата во Охрид ќе бидат осветлени во боите на ретките болести

Во рамки на петтата по ред Национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“ што ќе се реализира во текот на овој месец, во боите на ретките болести ќе биде осветлена Самуиловата тврдина во Охрид.

Илуминацијата на крепоста е предвидена за во 18 часот, а настанот ќе може да се следи во живо на фејсбук-страницата „Ги запознаваме ретките болести“.

Во боите на ретките болести ќе бидат осветлени и зградите на општините Охрид, Дебрца и Струга, спомениците во центарот на Охрид, Спортската сала „Билјанини извори“, како и училишните згради во Охрид.

Кон кампањата се вклучи и Општина Охрид, а за поддршка кон лицата со ретки болести и нивните најблиски се огласи и градоначалникот, Кирил Пецаков.

-Само преку заедничка соработка, гласно зборување за ретките болести и поголемо споделување на информации во јавноста, ќе се овозможи полесно надминување на предизвиците и ќе се обезбеди исполнување на долгорочни цели. Општина Охрид во согласност со програмите и законските регулативи за социјална заштита, во континуитет поддржува активности и проекти за обезбедување подобри услови за лицата со ретки болести. Со цел да им се излезе во пресрет на нивните потреби, да се обезбеди поголема инклузија и да им се овозможи поголем напредок во образованието, втора година по ред доделуваме стипендии за ученици, студенти и магистранти со ретки болести, напиша Пецаков на својот фејсбук-профил.

Тој изрази задоволство што преку таквите мерки општинските власти покажуваат дека може да се најде начин и да се обезбеди скромна поддршка што е од големо значење за тие лица.

-Се надевам дека ќе бидеме позитивен пример и поттик за останатите јавни институции, кои треба да вложат поголеми напори и да ги исполнат барањата на лицата со ретки болести. Охрид и годинава ќе блесне во боите на ретките и ќе испрати јасна порака за поддршка на неуморната борба со предизвиците, кои секојдневно ја водат овие лица и нивните семејства. Посакувам секој зрак светлина да им донесе нова надеж за поубаво утре, подобро здравје и посреќен живот, напиша Пецаков.

Годинешната Национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“ ќе биде заокружена со промоција на петтата поштенска марка со ретка дијагноза – „Деца со ретки болести – Ихтиоза“, така што и овојпат Македонија ќе биде единствена земја во светот што и на тој начин ја запознава јавноста за проблемите на граѓаните со ретки болести.