Одобрени над 2,2 милиона евра за „трикафта“ и дадени насоки за итна набавка на лекот

Премиерот Димитар Ковачевски кој денеска имаше средба со претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза, рече дека се одобрени над 2,2 милиона евра за „трикафта“, како и дека се дадени насоки за итна набавка на лекот.

На средбата присуствуваа и советничката за здравство Ана Данева-Маркова, директорката на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска-Грашкоска и пратеничката Санела Шкријељ, а премиерот потенцираше дека нема да дозволи ниту еден пациент во земјава да биде издвоен или маргинализирани само зашто има скапа терапија.

Во Владата, информира Ковачевски, ќе се формира посебно тело составено од стручните советници на премиерот, ФЗОМ, МАЛМЕД, БЈН, Клиника за детски болести и претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза, кои до крајот на следната недела треба да направат предлог-измени на Закон за јавни набавки, Закон за лекови и Закон за здравствено осигурување за да може директно да се преговара за набавка на лекот и на овој начин да се обезбеди лекот за сите пациенти.

– Со  измени на постоечки законски регулативи, би се направило системско решение, односно државата во директни преговори со производителот на лекот би ја набавувала потребната терапија. Дополнително, прв пат ќе се подготви тригодишна програма за пациенти со цистична фиброза, во која ќе има буџетска предвидливост за секоја година сите пациенти да го добиваат лекот, рече премиерот.

На почетокот на средбата, тој уште еднаш изрази длабоко жалење за смртта на прерано починатиот Благојче Илиевски кој ја загуби битката со болеста цистична фиброза.