Онлајн настава во училиштата во Украина од денеска до 24 февруари

Наставата во украинските училишта ќе биде онлајн од денеска до 24 февруари поради ризикот од руски ракетни напади во врска со приближувањето на првата годишнина од инвазијата на руските сили во Украина.

Според украинските власти, Русија може да почне со напади за да ја „одбележи“ годишнината в петок.

Во врска со годишнината од инвазијата, украинското Министерство за образование препорача училиштата да ги преземат неопходните мерки за заштита на животот и здравјето на сите учесници во образовниот процес. Стотици училишта беа уништени за време на воените акции во Украина.

Многу други училишта беа принудени да го водат процесот на учење хибридно поради проблеми како што се честите прекини на електричната енергија поради штетата предизвикана на енергетската инфраструктура на Украина од руските воздушни напади.