ОН: На Сиријците погодени од земјотресот им треба апсолутно сè

На Сиријците погодени од разорниот земјотрес кој во понеделникот ги погоди нивната земја и Турција им е потребно „апсолутно сè“ во смисла на помош, кажа специјалниот претставник на Обединетите нации Геир Педерсен.

ОН добија уверување дека првата помош од Турција ќе стигне денес во Сирија, кажа Педерсен на брифингот во Женева, барајќи да се дадат гаранции дека нема да има политички пречки помошта да се достави таму каде што е најпотребна.

Обединетите нации претходно соопштија дека се очекуваат шест камиони со хуманитарна помош во северозападна Сирија.

Според извори на ОН, конвојот го користи граничниот премин Баб ал Хава. Камионите наводно дос ега не можеле преку тој премин поради оштетените патишта. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), патиштата сега се делумно поправени.

Преминот Баб ал Хава пред земјотресот беше спас за околу 4,5 милиони луѓе кои бегаа од граѓанската војна во земјата.

Според податоците на ОН, 90 отсто од тамошното население и пред земјотресот зависеле од хуманитарна помош.

Регионот е дом на милиони луѓе кои се раселени, понекогаш и повеќе пати, поради борбите во Сирија. Тие и до сега беа погодени од неухранетост, колера, студено време, а сега и од последиците од земјотресот.

Баб ал Хава е единствениот отворен премин од четирите гранични премини меѓу Турција и Сирија.

Пред земјотресот сириската влада сакаше хуманитарната помош да минува само низ подрачјата од земјата под нејзина контрола, но сега не поставува такви ограничувања.