Опозиционерот Киличдароглу води со 10 процентни поени пред Ердоган, покажуваат предизборните анкети во Турција

 Новите предизборни анкети во Турција покажуваат дека кандидатот за претседател од опозицијата Кемал Киличдароглу води со 10 процентни поени пред претседателот Реџеп Таип Ердоган во пресрет на изборите закажани за 14 мај.

Анкетите, исто така, покажуваат дека опозицискиот блок, познат како Национална алијанса, води и во трката за Парламент со најмалку шест процентни поени пред Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган и сојузниците.

Прокурдската Народна демократска партија (ХДП), според сегашната ситуација, има сигурно над десет проценти.

Анкетата објавена од „Аксој рисрч“ покажа дека Киличдароглу е пред Ердоган со 55,6 отсто од гласовите, наспроти актуелниот претседател кој има 44,4 отсто..

Ердоган се соочува со најтешкиот предизвик досега во неговото 20-годишно владеење, бидејќи неговата популарност паѓа поради зголемените трошоци за живот.

Се поставува и прашањето како ќе гласаат преживеаните од земјотресите што ги погодија провинциите лојални на Ердоган.

Изборите не само што ќе одлучат кој ќе ја води Турција, туку и како ќе ја води, каде ќе се насочи економијата и каква улога ќе продолжи да има Анкара во војната во Украина.

Киличдароглу за кандидат го избра опозицискиот сојуз од шест партии. Тој е претседател на Републиканската народна партија (ЦХП) од 2010 година.