Османи кон ,,огнените“: Од народ без јазик, знаме и достоинство до првиот Премиер – Албанец

Изминатиов период често низ медиумите може да се прочитаат и видат жестоките напади на двете спротивни страни на ДУИ: на една страна лидерот на партијата Али Ахмети заедно со неговите верни ,,играчи“ Бујар Османи и Артан Груби и на другата страна ,,огнената“ група предводена од бастионот на Изет Меџети.

Бујар Османи, кој е координатор на огранокот на ДУИ во Чаир, на вчерашниот собир со симпатизерите на партијата, ја искористи можноста да ги ,,пецне огнените“ и да им испрати порака дека токму нивната страна е онаа која го нуди најдоброто за Албанците во Македонија.

Во продолжение ви го пренесуваме говорот на Бујар Османи:

„Бевме народ без јазик, без знаме, без достоинство и горди на тоа што бевме, а да се вратиме таму каде што сме сега и да ја направиме разликата и да почнеме од горе – долу. Да почнеме со претседателот на државата, кој е консензуален и ја води војската со печат што е на албански јазик. Денеска имаме Собрание што во последните шест години го водат Албанци. Всушност, имаме три парламенти во регионот кои сега се водат на албански јазик. Ја имаме Владата во која за неколку месеци го чекаме првиот албански премиер“, рече Османи, додавајќи дека од 18 министри 9 се Албанци.

Засега нема реакција на оваа изјава на Бујар Османи од ,,огнените“ но се чини дека со ова тој им ја затвори устата, барем засега.